Дури 15 отсто од полуматурантите не конкурирале за во средно


Вчера беа објавени конечните ранг-листи со резултатите од квалификациското тестирање, кое од 108 средни училишта се полагаше само во медицинското „Д-р Панче Караѓозов“, каде што 39 потенцијални средношколци конкурираа за 25 места за насоката медицински сестри.

„Слободните места предвидени со конкурсот сега, по квалификациското тестирање, се комплетно пополнети за насоката медицински сестри. Ја оформивме паралелката од 25 ученици“, рече директорот на медицинско училиште Марјан Алабаковски.

За медицинското средно училиште имаше голема конкуренција бидејќи пријави доставија околу 1.000 полуматуранти за 646 места. За упис во средно во првото пријавување аплицирале 17.590 кандидати, а според податоците на Министерството за образование и наука од нив успеале да се запишат 11.697 ученици, иако деветто одделение завршија околу 20.700 ученици. Незапишани останаа повеќе од 9.000 полуматуранти, а 15 отсто воопшто не конкурирале за упис во средно. Во гимназиско образование се примени близу 5.000 ученици додека во стручно околу 6.500, како и 208 ученици во Спортска академија. За второто пријавување остана слободни 24.086 слободни места

Конкурсот за запишување е завршен во атрактивните скопски гимназии „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Никола Карев“ и „Георги Димитров“, како и во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“. Целосно се пополнети местата за здравствената струка во средните училишта во Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Охрид, Струга, Струмица,Тетово и Штип.

Места нема и во електротехничката струка за компјутерска техника и автоматика, во средните училишта во Струга, Велес и Струмица, а пополнети се и паралелките за дел од образовните профили во економско-правната и трговската струка, за лични услуги и угостителско туристичката струка.

Уште места има во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ каде што за предвидените 612 места конкурирале 191 полуматурант, а запишани се 161. На пазарот се чувствува огромен дефицит на кадри од профили кои ги нуди училиштето.

Пред второто пријавување постои интерес за струките и за бројот на преостанатите слободни места, што се гледа од бројот на родителите и децата кои деновиве оделе во училиштето да се информираат, вели директорот Ефтим Пејовски. За тригодишно образование од електротехничка струка, образовен профил електричар, училиштето има склучено меморандум за соработка со компании преку кои учениците ќе имаат можност за практична обука. Тука има дури 48 слободни места од предвидените 68. Освен пракса, соработката со компаниите „Ванхол“, „Арчерол митал“, „Макстил“, Цементарница УСЈЕ, „Раде Кончар“ и „Виталија“ подразбира и загарантирано вработување на 57 млади по завршувањето на средното образование. Претставници од компаниите, при попишување на меморандум за соработка со училиштето, укажаа дека во Македонија потешко се доаѓа до кадри од областите на техничките науки, за кои имаат потреба.

„Меморандумот за соработка значи дека тие ќе ги прифатат учениците во нивните фирми на обука, во прва година ќе имаат 70 часа во фирма и плус пракса. Очекувам годинава бројот на запишани ученици да биде подобар отколку изминатите години, и тоа ако пред две години запишавме 93 ученици, сега бројката да биде над 200. Тоа значи дека младите генерации конечно почнуваат да размислуваат и да ја бараат својата перспектива во струки и занимања што се дефицитарни на пазарот на трудот. Ние како училиште вадиме генерации со знаење, се запишуваат ученици со 55 поени, односно со подобар просек од порано“, изјави Пејовски.

Второто пријавување на учениците за упис во средно образование е закажано на 28 јуни, во четврток, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени следниот ден на 29 јуни. Училиштата можат да го намалат утврдениот број на минимални поени утврдени со конкурсот и тоа најмногу до 10, освен за гимназиско образование, економско-правна и трговска струка и здравствена струка.

Инаку, средното образование е задолжително веќе десетта година, односно од учебната 2008/2009 година, а родителите чии деца нема да се запишат во средно училиште се соочуваат со казни од по 800 евра.

Вероника Мароска-Леова