ДУИ: Целосно расчистување на убиството на Саздовски и воздржување од провокации


Демократската Унија за Интеграција изразува длабоко сочувство до родителите, фамилијата и блиските на починатиот Никола Саздовски.

„Загубата на млад и невин живот, особено на насилен начин, каков што беше овој немил настан, претстава чин кој секогаш и од секого заслужува целосна осуда.  Насилството претставува чин за кој нема и не треба да има никакво оправдување и во тој контекст изразуваме целосна поддршка на органите за безбедност и спроведување на законот, за целосно расчистување на случајот, и без никаква задршка, изведување на виновниците пред лицето на правдата. Според информациите кои се достапни на целата јавност, учесниците во овој немил настан се навремено идентификувани, и определени се понатамошни мерки во постапката, со што, правно, очекуваме брзо, правично и ефикасно спроведување на правдата“, се вели во соопштението на ДУИ.

ДУИ апелира за воздржување од провокации, особено за воздржување од пораките на омраза и нетрпеливост, кои претставуваат основа за ваквите насилни и немили настани.