До понеделник одлука кога Груевски ќе оди во затвор


Во Кривичниот суд стигна и жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски кој бара одложување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Со тоа од утре почнува да тече рокот од три дена и до понеделник Кривичниот совет треба да ја донесе конечната одлука дали ќе ја прифати жалбата на Груевски и неговите адвокати и ќе му го одложи одењето во затвор или нема да ги прифати неговите изговори дека има незавршени работи.

Денеска беше последниот рок од упатниот акт до кога Груевски требаше да почне со издржувањето на затворската казна, но беше пролонгиран поради конечната одлука на Кривичниот свет. Во самото решение на Кривичниот совет ќе биде наведен датумот кога поранешниот премиер треба да се јави во затвор. Вчера жалби на одлуката на судијата за извршување на санкции поднесоа и сите адвокати од тимот на Груевски.

Одлуката на Кривичниот совет би требало да биде конечна, со оглед на тоа што правната постапка пред Врховниот суд се уште не почната и предметот уште не е предаден до највисокиот суд. (Ф.Ф.С.)