Дончев: Лекови ќе има во текот на целиот месец


Од почетокот на наредната година ќе почне да важи новата распределба на квотите за лекови во аптеките со кои Фондот за здравствено осигурување има склучено договор, а треба да овозможи осигурениците да имаат подобра достапност до лекови во текот на целиот месец во аптеките во близина на нивното место на живеење. За наредната година предвидени се и дополнителни најмалку 120 милиони денари за лекови на товар на Фондот.

Согласно новата распределба, како што информира директорот на ФЗОМ Ден Дончев, околу 500 аптеки ќе добијат рамномерно зголемување на квотите за околу 20 илјади денари месечно по аптека. Предвиден е минимален износ по глава на жител, односно осигуреник, по подрачна единица на Фондот, секаде во земјата. Целта е, како што рече, на ваков начин во наредните две-три години да се изедначат буџетите по подрачна единица по глава на жител кои во некои случаи досега покажувале значителни разлики. За аптеките се утврдува максимален износ на квота од 650 илјади денари.

Исто така, едно правно лице со две или повеќе аптеки нема да може да има квота поголема од 10 проценти од вкупнипот буџет на Фондот наменет за лекови, бидејќи, како што потенцира, досега се случувало само едно правно лице да располага со 20 проценти од буџетот за лекови на товар на ФЗОМ. На ваков начин, рече Дончев, се намалува можноста за стекнување и одржување на доминантна позиција на пазарот и се воведуваат порамноправни правила на игра и за средните и помалите аптеки.

-Со новата распределба сите аптеки добиваат фер услови за обезбедување лекови, за разлика од преходно кога заради начинот на распределба настанале големи разлики во висина на износите на квотите на аптеките, а едно правно лице добивало за 40 отсто поголема месечна квота од просечната на сите остнати аптеки. Сега очекуваме дека нашите осигуреници ќе имаат поголема достапност до лековите во текот на целиот месец во аптеките во близина на местото на живеење , рече Дончев на прес-конференцијата во Владата.

Тој додаде дека во интерес на граѓаните ФЗОМ ги поттикнува да издаваат 20 отсто лекови без доплата, освен задолжителната партиципација. За граѓаните да не бидат препраќани од апрека до аптека, рече, се дава можност едно правно лице да може да ја искористува квотата од сите негови аптеки во ист град, односно подрачна единица. Ако има на пример шест аптеки, во три ги троши 100 отсто квотите, а во три педесет, тогаш ќе може да ги префрлува и искористува во оние каде има поголема побарувачка.

Од ФЗОМ најавуваат порамнување на квотите двапати годишно во јули и декември за да се види колку се искористуваат и дали малите аптеки набавуваат лекови во вредност на квотите кои им се доделени.

-За да нема тактизирање од аптеките се воведува фиксна маржа од вкупната месечна квота во аптеките со тоа се укинува досегашниот скалест систем кој ги дестимулира да издаваат поскап лек, а ги стимулира да издаваат лекови со пониска вредност, рече Дончев. Во интерес на граѓаните, рече, се воведува и можност за субвенција за на патеките кои се во тешко достапни и подалечни села.

Претседателката на фармацевтската комора Бистра Ангеловска, рече дека е добро што се утврдила нова распределба на квоти, со цел да почнат да се надминуваат проблемите со кои се соочувале и осигурениците и фармацевтите. Кога ќе се говори за проблемите, рече, постои можност да се најде некакво решение. За фармацевтите и натаму останува проблем ниската цена на услуга, а во врска со новата распределба на квотите, како што рече Ангеловска, забелешка имаат на стимулирањето на издавање лекови само со партиципација без доплата, бидејќи, како што посочи, на таков начин се нарушува правото на осигуреникот на избор од кој производител ссака да биде лекот кој го користи.