Донесен е ребаланс на буџетот на општина Прилеп


Прилепските советници на денешната 16 седница, го усвоија ребалансот на буџетот на општина Прилеп, со кој се предвидуваат повеќе пари за изградба и уредување на улиците и патиштата, за работата на јавните претпријатија и за подобрување на условите во средните училишта.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски извршувањето на приходите од основниот буџет на Општината, заклучно со 30 јуни е 306,27 милиони денари, или 72 отсто од планираните 427,4 милиони денари. Сервисирани се 80 милиони денари наследени обврски.

– Ваквиот висок процент на остварување на приходите, се должи на исклучително високиот износ на остварени приходи, по основ на концесиски надоместоци од минерални суровини, во износ од 153,2 милиони денари. Кога дојдов на функцијата градоначалник, ја затекнав Општината со обврски од договори за јавни набавки во износ од 110 милиони и обврски според книговодствената евиденција од 29 милиони денари. По осум месеци, сервисиравме 80 милиони денари, наследени обврски, рече Јованоски.

Со предложените измени и дополнувања, билансот на расходи изнесува 122 милиони денари. Од нив 56,3 милиони денари се наменети за капитални проекти.

– Конкретно, парите се наменети за изградба и реконструкција на улици и локални патишта, за изработка на проектна документација за народниот театар „Војдан Чернодрински“, за спортската сала „Македонија“, за гасификацијата на Прилеп, за реконструкција на детската градинка во кругот на Тутунскиот Комбинат, како и за изградба на системи за пречистување и одведување на отпадните води. Со предложените измени, околу три милиони денари се наменети за санација на санитарните јазли во средните училишта, објасни Јованоски.

Според претседателот на советот Миле Талески  градоначалникот првпат ги образложи сите ставки од ребалансот.

– Денеска Советот на Општина Прилеп ја одржа редовната 16-та седница, на која се донесе ребалансот на буџетот за 2018 година, кој се темелеше на потребата од издвојување повеќе средства за подобрување на инфраструктурата во градот, на работата на јавните претпријатија, како и подобрување на условите во средните училишта. Градоначалникот Јованоски, кој освен што го образложи ребалансот на буџетот, одговараше и на сите прашања кои ги поставија советниците. Досега немало практика градоначалникот на седницата на советот јавно да го брани ребалансот на буџетот кој е негова надлежност, рече Талески.