Должникот Монпелје на колена


Вардар со победа над европскиот шампион Монпелје во Франција стартуваше во Лигата на шампионите (27:24). Му вратија црвено-црните мило за драго на францускиот претставник за поразот во ланското полуфинале од најреномираното натпреварување. Тоа е вкупно четврта победа на Вардар над Монпелје, а како единствен пораз останува споменатиот од минатогодишниот фајнл-фор.

Иако шампионскиот состав практично се распадна летово, па половина од ракометарите си заминаа, новиот тим предводен од Парондо очигледно има што да каже и оваа сезона. Голманот Дејан Милосављев може да се каже дека го имаше мечот на кариерата. На крајот собра 17 одбрани и го заслужи епитетот херој на Вардар во победата над Монпелје. Првиот дел мина во речиси постојан егал, но црвено-црните, сепак, заминаа на одмор со минимално водство 12:11.

Со два гола на стартот од вториот дел вардарци отидоа на плус три, но Монпелје бргу се врати па дури на средината на полувремето и поведе. Борозан, Сташ Кубе и Иван Чупиќ префрлија во повисока брзина, па од нерешените 22:22 Вардар направи два гола предност и не ја испушти до крајот. На пет минути пред звукот на сирената Чупиќ погоди за 25:22, што беа доволни за мирен финиш. Борозан со осум гола од 11 обиде беше прв стрелец, пет гола постигна Скубе, а максимални шест од шест Чупиќ. Следното коло на 22 септември Вардар го пречекува Кристијанштад.