Докторите на КАРИЛ не виделе такво ѕверство


Едногодишно женско дете, безмалку уште бебе, со сериозни повреди на главата и по телото се бори за живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), откако завчера лекарска помош за него и за себе побарала мајката, и таа повредена.

Детето има скршеници на двете нозе, крвавење во мозокот и скршеница на челната коска. Се претпоставува дека и претходно било малтретирано, бидејќи скршениците на нозете се стари две до три недели.

„Детето има крвавење во мозокот и стари фрактури за кои денеска ќе одлучиме дали да се оперираат. Сме имале пациенти повредени во сообраќајни несреќи, сме имале деца случајно згазени, но вака тепано дете ние на КАРИЛ досега не сме виделе“, ни изјави Маја Мојсовска, директорка на оваа клиника.

Малата пациентка до затворањето на весникот била поспана и неконтактибилна, но дишела сама, без помош од апарати за дишење. Сепак, лекарите укажуваат дека при вакво крвавење, состојбата е критична во првите 24 до 48 часа.

„На левото ноже има стара скршеница, но и други постари скршеници. Моментално е во стабилна состојба, но не знаеме како ќе се одвиваат работите, дали ќе се оперира“, велат од КАРИЛ.

Завчера во 12.45 часот од Ургентен центар во полиција пријавиле дека била примена дваесетгодишна жена од Скопје со видливи повреди на телото и нејзината едногодишна ќерка со тешки повреди.

Мајката била веднаш пуштена од болница бидејќи имала лесни повреди, но во полиција неколку пати ги менувала исказите.

Што точно се случило и кој го истепал детето полицијата сè уште утврдува, собира информации од мајката. Од таму велат дека случајот е многу чувствителен и дека најпрвин ќе расчистат што се случило, пред да кажат детали. Неофицијално, мајката е од ромска етничка припадност, а таткото на бебето е во затвор.

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) се очекува информација дали семејството или мајката се познати на социјалните служби и дали досега било забележано занемарување или насилство врз ова и евентуално други деца.

Пред два месеца, од УНИЦЕФ предупредија дека тепањето деца во Македонија е сериозен проблем. Според нивната статистика, секое второ дете во државава добива ќотек.

Бројките од МВР покажуваат дека од 903 кривични дела на семејно насилство минатата година, во кои се евидентирани 976 жртви, жените се поголем дел или речиси две третини од регистрираните жртви. Евидентирани се над 90 деца жртви на семејно насилство.

(С.С.З. – Ф.Ф.С.)