Докторатот причина плус Груевски да не оди во затвор


Вчера доцна попладнето, кога веќе изминуваше рокот, адвокатскиот тим на поранешниот премиер Никола Груевски поднесе молба до Кривичниот суд да му биде одложено издржувањето на двегодишната затворска казна за незаконската набавка на луксузниот „мерцедес“. Неговите адвокати велат дека подготовката барала време и затоа била поднесена подоцна.
Неофицијално, Груевски ќе бара одложување поради обврските како пратеник и поради приватни обврски поврзани со неговиот докторат. Овие две причини се дефинирани во една од точките на Законот за извршување санкции: „Ако осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета најдолго за три месеци“.
Адвокатите не откриваат други детали, а за докторатот кој Груевски веќе го одбрани, тие велат дека имал извесни потреби околу тоа што следува по одбраната и тие дејствија треба да ги заврши. Судија за извршување санкции има три дена да одлучи дали ќе ги прифати причините на Груевски, ако не, тој има право на жалба.
Адвокатите поднеле барање и до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата за случајот со луксузниот „мерцедес“ и барање за одложување на издржување на затворската казна. Сепак, овие барања уште не се стигнати до Врховниот суд.
Паралелно, се очекува до крајот на оваа работна седмица да се одржи седница на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во однос на известувањето од Кривичниот суд за правосилната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Тенк“.
Според собраниски извори, писмото што во петокот судијката Добрила Кацарска го испрати до претседателот на парламентот Талат Џафери денеска било доставено до претседателот на Комисијата Павле Богоевски, од пратеничката група на СДСМ. Во наредните денови тој би требало да закаже седница на која ќе се расправа за евентуално одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, наспроти најавите од неговиот адвокатски тим дека поранешниот премиер ќе бара одложување на издржувањето на двегодишната затворска казна поради обврски во Собранието.
Независно од тоа дали надлежната собраниска комисија ќе даде препорака за одземање на мандатот на Груевски, дали тој ќе биде „разрешен“ од пратеничката функција, зависи од тоа дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот.
Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во овој состав, кон крајот на минатата година препорача одземање на имунитетот на шесттемина пратеници од таборот на ВМРО-ДПМНЕ кои тогаш беа осомничени за настаните на 27 април. Предлогот на Комисијата помина и на пленарна седница, но со таа разлика што за одземање на имунитетот се потребни 61 глас, наспроти 80 за одземање мандат на пратеник.
Известувањето на Кацарска до Џафери беше во согласност со член 59 став 1 во собранискиот Деловник во кој пишува: „За пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.“
Според Уставот, на пратеник може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. За одземањето на мандатот на пратеник, е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, односно најмалку 80 гласа.

Фросина Факова – Серафиновиќ