Доделени сертификати на 10 новообучени оџачари во Скопје


Во средното училиште на Град Скопје „Здравко Цветковски“ денеска беа доделени сертификатите на 10 кандидати кои ја завршија обуката за оџачари во првата група од наставата што ја организираше Град Скопје. Доделувањето на сертификатите на новите оџачари беше дел од одбележувањето на патрониот празник на СУГС „Здравко Цветковски“, под мотото „Мисија воздух – вдиши длабоко“.

– Во Скопје 45 отсто од вкупниот број домаќинства се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот. Според некои податоци во Скопје има над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе од исчистен оџак. Организирањето обуки за оџачари е само дел од чекорите што ги презема Град Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци. Обуката за оџачари Град Скопје ја организираше во две групи. Во тек е обуката на втората група кандидати за оџачари во СУГС „Здравко Цветковски“, стои во соопштението од Град Скопје.

Оттаму посочуваат дека како дел од мерките за борба против загадувањето, во тек е пријавувањето за субвенции за чистење оџаци и ќе трае до 22 ноември 2018 година.