Додатокот за лица со посебни потреби се зголемува за околу 1000 денари


Владата на денешната седница донесе одлука за зголемување на висината на правото на посебен додаток за дете со специфични потреби коешто има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години. Освен зголемувањето на сумата за посебен додаток овие лица ќе бидат и здравствено осигурани, ако не се осигурани согласно со Закон.

Како што информира Министерството за труд и социјална политика износот на утврдената висина на правото на посебен додаток со Законот за заштита на децата се зголемува од 4.202 денари на 5.021 денари.

Самохраните родители кои имаат дете со специфични потреби со пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години наместо досегашните 6.303 денари ќе добиваат сума од 7.351 денар.

За материјално необезбедени родители, кои се корисници на социјална помош и постојана парична помош, а коишто имаат дете со специфична потреба до 26 години додатокот се зголемува од 5.252,50 денари на 6.276 денари.

Зголемувањето се прави со измени и дополнувања на Законот за заштита на децата, кои ги усвоила Владата на денешната седница.

Овие измени, посочуваат од МТСП, се само дел од стратегијата на Министерството за труд и социјална политика за подобрување на финасиската состојба и условите за живот на најранливите групи на граѓани.​