Договорот со Грција во четврток на нов тест


Законот за ратификација на договорот со Грција ќе се најде во четврток на нов тест пред пратениците, а потоа и кај шефот на државата Ѓорге Иванов, кој неодамна стави вето на овој документ. На денешната координација во парламентот е договорено новата седница да биде закажана на 5 јули, кога за ратификацијата треба да се изјаснат најмалку 61 пратеник за претседателот да биде обврзан да стави потпис.

Собранието на Македонија го ратификуваше договорот за решавање на спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и во отсуство на опозицијата, која најави дека нема да присуствува ниту на второто гласање за оваа регулатива. Истиот ден, спикерот Талат Џафери го потпиша Законот за ратификација на договорот и го испрати во кабинетот на Иванов, кој, пак, минатата недела, како што и најави, го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.
Според Иванов, договорот со Грција е противуставен и спротивен на резолуциите на ОН.

Сега повторно се на потег пратениците. Очекувањата се дека и по второто гласање Иванов нема да го потпише указот за законот за ратификација на договорот за името и оти ќе примени т.н. џебно вето, како што направи со Законот за употреба на јазиците. Претседателот на Собранието Џафери најави дека, ако Иванов не се предомисли, тој ќе го испрати законот по прегласувањето во „Службен весник“ со еден потпис. Џафери најави дека ќе постапи исто така и со Законот за употреба на јазиците, чиј указ Иванов не го потпиша ниту по второто изгласување.