Договорот се потпишува на роденденот на Нимиц


На Метју Нимиц, посредникот во спорот за името, денес му е роденден. Според неговата биографија, Нимиц е роден на 17 јуни 1939 година во Бруклин. Тој денеска полни 79 години.

Случајно или не, договорот се потпишува токму на роденденот на дипломатот кој 24 години од својата кариера посвети на изнаоѓање решение на спорот за името меѓу Македонија и Грција.

Минатата година, светските медиуми го опишаа како човек кој целата своја кариера ја посветил на еден збор.

– Сакам нешто да биде јасно. Јас не го поминав секој буден момент во минатите години размислувајќи за зборот„Македонија“. Веројатно мислев на тоа повеќе од кој било друг, вклучително и во земјата. Но, морам да разочарам некој што мисли дека тоа е моја работа со полно работно време- изјави Нимиц по тој повод.

Нимиц беше вклучен во преговорите од 1994 година. За посредувањето во спорот досега земал 24 долари, по еден долар за секоја година. Кога се вклучи, беше специјален пратеник на  на тогашниот американски претседател Бил Клинтон. Но, од крајот на 1999 година е личен претставник на генералниот секретар на ОН.

Поранешниот човек на таа функција, Бан Ки-мун, еднаш се збуни и ја нарече Македонија „Поранешна југословенска република Југославија“. 

– Тогаш Бан Ки-мун ми рече: Има да го решиш овој проблем, ме лути – раскажа подоцна Нимиц. 

(С.С.З.)