Договорот меѓу Атина и Скопје, главна вест во светските медиуми


Атина и Скопје постигнаа договор за името „Република Северна Македонија“, ја пренесуваат западните медиуми со назнака „breaking news“ веста дека премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас се согласиле за решение на спорот кој повеќе од две децении ги нарушуваше односите меѓу двете земји.

Ја наведуваат изјавата на Ципрас дадена на средбата со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, дека Атина и Скопје се согласија за ново име за Македонија со што се  става крај на 25-годишниот спор.

– Постигнавме добар договор кој ги опфаќа сите услови што ги постави Грција, наведе Ципрас откако го информираше Павлопулос за договореното.

Тој рече дека договорот бил постигнат откако зборуваше денеска по телефон со македонскиот премиер Зоран Заев. Договорот, според него, ги исполнил барањата на Грција дека ревидираното име за Македонија е „сложено со географска одредница”.

Македонија, како што потсетуваат западните медиуми, се надева дека решавањето на спорот ќе помогне да се расчисти патот за приклучување кон Европската унија и НАТО.

Ја пренесуваат и изјавата на Панос Каменос, лидерот на Независни Грција, помалиот колаициски партнер во грчката Влада, дека ќе гласаат против предложениот компромис за името бидејќи не се согласува во него да биде содржан терминот Македонија.