Договорот за името следната седмица во парламент, утре средба Димитров – Иванов


Договорот за надминување на спорот за името што го постигнале премиерите на Македонија и на Грција се очекува веќе следната седница да се најде на дневен ред во парламентот.
Пратениците треба да се изјаснат за ратификација на договорот меѓу владите на Македонија и на Грција, по што законот за ратификација би бил испратен кај претседателот Ѓорге Иванов на потпишување. Во случај Иванов да не го потпише законот за ратификација на договорот со Грција, тој би се вратил во парламентот и, ако биде повторно донесен со апсолутно мнозинство, претседателот е обврзан да го потпише.

За утре, пак, според информациите, шефот на дипломатијата Никола Димитров закажал средба со претседателот Иванов за лично да го информира за постигнатиот договор.