Дневник на глупости во Северна Македонија


Роберт Несими

 

 Ако пројде, пројде. По релативно тивкиот период по транзицијата на власта, дојде редот и сегашната влада да продолжи со стариот, проверен начин на вработување, тој преку врски. Во последните недели се интензивираше вработувањето по државни институции и фирми на браќа, сестри, синови, ќерки, братучеди, братучетки и секаков вид други роднини на високи функционери на власта. Наводно, течеше објаснувањето на врхушката на владејачките партии дека тоа е нормална работа бидејќи тие немале никаква шанса да се вработат во времето на „режимот“. Па, ако не може да се вработат сега по државни институции, каде би работеле? Во приватниот сектор како стотици илјади обични луѓе без никакви партиски врски?

По крајно негативните реакции на граѓаните, на крајот во целата прикаска одлучи да се вмеша и премиерот, но нему само му успеа да го продолжи циркусот. Тој повика вработените „непотисти“ да се повлечат од работните места, со што смета дека го решил проблемот. Но, сè уште останува прашањето како тие луѓе се вработени. Ако навистина ги заслужувале местата и биле најдобри кандидати по конкурси, нели е дискриминација сега да се отпуштат? А ако навистина се вработени преку врски и интервенции, нели некој треба за тоа да одговара? На пример, тие функционери што интервенирале или пак оние што ги примиле на работа.

На крајот целата прикаска за непотизмот нè врати на она старото, славното „ако пројде, пројде“. А ако не пројде, бргу ќе се заборави. Токму филозофијата што нè донесе до ова дереџе.

 Силување на Гостивар. За само една година Владата по вторпат им ги зема ингеренциите во образованието на Општина Гостивар и градоначалникот Таравари. Наводно Таравари не ги почитувал законите, па сега образованието мора да се врати таму кај што знаат што е ред и закон: Министерството за образование! Излегува дека од сите општини во Македонија, пропусти има само кај оние што ги води Алијансата за Албанците. По сè изгледа, во другите општини образованието цвета, а за кои било лоши состојби по училиштата, каде било во Македонија, виновна е Алијансата и само Алијансата. Но сега откако надлежностите се вратија на вистинското место, во образованието повторно ќе течат мед и млеко. Батали тоа децентрализација. Ако градоначалникот не е наш, Министерството знае подобро.

Се разбира, вистинската причина за константното силување на Гостивар е обидот по секоја цена да се задушат секаков отпор и опозиција во албанскиот блок и единствени опции за Албанците да бидат ДУИ и СДСМ. Од единствена причина што од четирите големи партии, Алијансата е единствената која не е криминализирана и одбива да ја игра улогата која триаголникот ВМРО-СДСМ-ДУИ сакаше да ѝ ја додели наместо на ДПА. И сè додека останува таква, таа ќе продолжи да биде трн во окото на славната тројка.

Во секој случај, првата работа на Министерството, откако ги врати надлежностите, беше да го именува мажот на пратеничка од ДУИ за директор на средно училиште во Гостивар. Зошто? Бидејќи во времето на „режимот“ тие немале можност да директоруваат? Што нè враќа на првата точка и филозофијата „ако пројде, пројде“. Во овој случај пројде, но тешко дека бргу ќе се заборави.

 Првите чекори за консензуален претседател. Неколку дена пред тоа Заев ја прифати идејата за консензуален претседател и тргна на состаноци да собере што повеќе поддршка. Меѓу другото, требаше да се сретне и со лидерот на Алијансата, Зијадин Села. Само што ден пред состанокот неговиот министер одлучи да му ги земе ингеренциите на сопартиецот на Села, Таравари. Разбирливо, Села го откажа состанокот и го откачи Заев. На крајот на краиштата, поддршката за кандидат треба да биде работа на меѓусебна доверба, а кој нормален човек би продолжил да верува по тој свеж нож во грб?

Единствено изненаден од откачувањето изгледаше Заев. Запрашан за постапките на неговиот министер, тој му порача на Таравари дека го разбира бидејќи и самиот бил градоначалник, но законот си е закон и мора да се почитува. Само што не додаде дека на него треба да се гледа различно, зависно од тоа дали си градоначалник во опозиција или премиер на власт.

 Миле, Спиро и Трајко. Со нова доза ентузијазам кај наивните беше примена веста дека се бара притвор за Миле, Спиро и Трајко. Миле така се врати во затвор, а Спиро го искуси за првпат. За Трајко требаше да се почека одземање на пратеничкиот имунитет.

Целата епизода со првите двајца ме потсети на друг настан кој се одвиваше паралелно во САД. Пред еден месец во Чикаго беше нападнат Џуси Смолет, познат актер од серијата „Емпаер“, црнец и хомосексуалец. Напаѓачите наводно извикувале погрдни расистички и хомофобични фрази, па и „ова е земја на МАГА“, што е синоним за Трамп. Целиот политички, интелектуален и културен естаблишмент се крена на нозе да го осудат настанот. Но, на крајот истрагата покажа дека нападот воопшто не се случил, туку бил режиран од Џуси Смолет со двајца соработници. За тоа лажирање Џуси Смолет сега е на обвинителна клупа и му се заканува петгодишен затвор.

Така се тера правдата во нормална држава. Но, во Македонија правдата во најмала рака е комплицирана работа и се преферира тие работи да останат во магла. Така се случи и со „нападот“ над Миле и Спиро, за кој сè уште не знаеме дали воопшто бил напад. Миле и Спиро тврдат дека се нападнати и повредени, лекарите викаат не. Заев вика дека Миле лажира, па потоа бара оставка од директорот на затворот. Во меѓувреме, службено неповредениот Миле пак е пуштен дома. Никој не знае што навистина се случи, а тие што знаат не кажуваат. И целиот процес полека се турка во заборав.

Со Трајко процесот доби сличен, замаглен тек. Комисијата ниту го одби, ниту го прифати барањето за одземање на неговиот имунитет. Истото тоа се случи и на пленарна седница. Собранието не можеше да одлучи, а бидејќи помина рокот, кој е цар над цареви кога се работи за правдата во Македонија, не ќе може да одлучи ни во иднина. Собранието сега е со врзани раце и не ќе може да направи ништо, освен ако обвинителството повторно побара одземање на имунитет. Ако воопшто бара. Бидејќи не е чудно некој ден да излезе некоја бомба во која ќе слушаме „Шу праиме со Трајко? Па ај вие пратете барање, па ние ќе го разгледаме, па да помине рокот, па да бидеме и ние и вие покриени. Па, ќе пројде и ова“.

Инаку, за целата фарса ДУИ го обвини СДСМ дека има договор со ВМРО, а СДСМ го обвини ДУИ за договор со ВМРО. На крајот виновен испадна Деловникот (кој не може да лежи во затвор), а СДСМ и ДУИ по три дена си направија друг договор, наводно против ВМРО. Но за тоа во некоја следна колумна.