Директорот на Дрисла се кандидира за претседател


Директорот на скопската депонија „Дрисла“, Горан Ангелов е меѓу деветмината кандидати за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е поранешен градоначалник на Виница во два мандати, а поради успешноста и ефикасноста, беше назначен и за претседател на Асоцијацијата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). Директно учествуваше со започнувањето на во процесот на децентрализација. По професија е правник.

Покрај него, на партискиот натпревар за шеф на државата се пријавија и Никита Шекутковски (доктор на математички науки и редовен професор на Природно математичкиот факултет во Скопје), Ѓорѓи Манасков (машински инжинер и претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија), Васко Костов (фармацевтски техничар во аптека„Зегин“), пратеникот Влатко Ѓорчев, професорката Гордана Силјановска-Давчева, Илија Димовски (професор во пензија на Шумарскиот факултет во Скопје), Филип Петровски (д-р на политички науки и поранешен директор на Државниот Архив) и Сашо Кутлешовски (д-р по земјоделски науки).

Од утре, тие на располагање имаат десет дена да ја претстават својата програма низ општинските комитети на партијата. Победникот ќе биде објавен на конвенцијата во Струга закажана за 16 февруари. Како фаворит за дресот на опозицијата се споменуваат Силјановска и Ѓорчев. (Г.А.)