Директорката што дозволи ифтарска пред разрешување?


Директорката на училиштето „Крсте Петков-Мисирков“ во Радовиш заработи парична казна од 1.120 евра бидејќи во образовната институцијата одобрила да се организира верски обичај, што е спротивно на Законот за основно образование, според кој е забрането верско и политичко дејствување. Од Државниот просветен инспекторат известија дека по извршениот увид во училиштето и констатираните неправилности, парична казна од 1.600 евра ќе треба да плати и училиштето бидејќи е извршена  повреда на член 11.

„Директорот е одговорен за работа на училиштето. По ова ќе му дадеме предлог на градоначалникот да преземе мерки за несоодветното работење на директорката на училиштето, за да биде разрешена“, рекоа од ДПИ.

Законските одредби и решенија во образовниот систем се јасни и прецизни, објасни министерот Арбер Адеми, а институциите ќе си ја вршат својата работа и ќе постапуваат во рамките на законските обврски. Инспекторатот го информирал за случката во училиштето.

„Државниот просветен инспекторат е оперативен орган и има обврска да постапи и да врши надзор, секаде каде што ќе оцени дека е направена некоја неправилност“, подвлече Адеми.

Верскиот обичај – ифтарска вечер, кој се одржал во училиштето „Крсте Петков-Мисирков“ каде што во холот биле поставени клупи на кои седелет деца, а пред нив била поставена храна и оџа пеел ифтарска молитва предизвика жестоки реакции во јавноста откако во петокот на јутјуб-каналот беше објавена видеоснимката од случката, а потоа беше споделена и на социјалните мрежи.

Вероника Мароска-Леова