Дипломатско-референдумска треска


Александра М. Митевска

Во наредните денови – до крајот на неделата, референдумот, како централна политичка тема во земјава во изминатиот месец, конечно ќе биде во сенка на други случувања во земјава.
Дипломатската офанзива што почнува паралелно со интензивирањето на кампањата, секако, дека е поврзана со референдумот, ама таа пред сè значи силна поддршка за евроатлантските перспективи на државата. Тие перспективи моментно зависат најмногу од развојот на ситуацијата со референдумот, како што претходно зависеа од имплементацијата на реформските приоритети и од постигнувањето на договорот со Грција. Македонската влада во изминатите месеци успеа да ги надмине тие предизвици, во првиот случај, главно, благодарение на консензусот што го постигна со опозицијата, а во вториот со асистенција на меѓународниот фактор и со свесност дека компромисот за името, иако болен и непопуларен, е нужен потег за враќање на земјата на колосекот за Брисел.
Македонија сега е вратена на шините што треба да ја внесат во НАТО и да ја приближат кон ЕУ, но предизвиците и натаму остануваат и тоа во период кога станува поделикатна и ситуација во дел од државите во нашето опкружување. Во случај референдумот да биде неуспешен, земјата повторно ќе излезе од колосекот и кој знае кога ќе и се укаже нова шанса за враќање.
Затоа и не е изненадување доаѓањето на политичари и дипломати од највисок ранг и тоа токму во деновите пред и за време на прославата на 27-годишнината на земјата. Тоа е јасна порака за Владата, но пред сè за граѓаните, дека поддршката и логистиката од меѓународниот фактор продолжува. Но тоа е порака и за сите скептици и емотивно настроени групи и поединци во однос на договорот со Грција и кон оние што сè уште се двоумат дали треба да се излезе на гласање на 30 септември. Поточно, дали тој ден треба воопшто да бидат во државата, иако нивното присуство дома би требало само по себе да се подразбира, со оглед на тежината на функциите што ги извршуваат и критичноста на политичкиот момент.
Посетите на влијателните и моќни политичари и дипломати кои деновиве, практично, ќе чекаат во „редица“ за влез во земјава, секако дека е порака и за оние што од самиот почеток, уште пред објавувањето на договорот за името, беа решени дека ќе го бојкотираат референдумот. И дека ќе водат кампањи во таа насока останувајќи слепи за големата слика што го исцртува значењето на договорот за исполнувањето на стратегиските цели на државата, како и глуви за аргументите според кои компромисот е неизбежен за да се постигне поголемата цела.
Доаѓањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер, по вторпат за осум месеци во земјава, визитата на австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој во минатото и додека беше шеф на дипломатијата важеше за силен поддржувач на претходната десничарска влада во земјава, а пред сè историската посета на германската канцеларка Ангела Меркел, може да се толкуваат и како сигнал дека интегрирањето на Македонија во ЕУ и во НАТО, како стратегиски приоритет за земјава уште од почетоците на независноста, сега станува стратегиски интерес и за меѓународната заедница. Да не беше така, дипломатите веројатно и натаму ќе беа заинтересирани за одржување на политичката стабилност на земјава и за исполнување на критериумите за членство во престижните меѓународни организации, ама немаше да ги испраќаат тука своите асови, туку ситуацијата ќе се менаџираше на малку пониско ниво.
Од друга страна, дипломатската навалица во Македонија е своевиден индикатор за критичноста и неизвесноста на политичката ситуација во земјава, по потпишувањето на договорот со Грција и распишувањето на референдумот. Успешноста на гласањето на 30 септември и натаму е релативна работа, иако резултатите од анкетите се охрабрувачки и поттикнуваат надежи дека веќе следниот месец македонската политика ќе може да влезе во следната фаза од спроведувањето на договорот со Грција, односно во процедурата за уставни измени.
Оваа годишнина од независноста на Македонија, иако не е јубилејна, има посебна симболика, што дополнително ја засилува посетата на Меркел на земјава токму на 8 Септември. Симболиката е во паралелата што лесно се повлекува меѓу референдумот во 1991 година и претстојниот референдум кој се одржува во истиот месец како и пред 27 години. Набрзо по тој 8 Септември, кога Македонија ја извојува својата самостојност, државата го постави како врвен приоритет за иднината членството во НАТО и на ЕУ, по што нејзините политички елити во многу наврати беа во ситуација да прават болни, но нужни компромиси во насока на негово исполнување. Од гласањето на крајот на овој септември, пак, зависи дали тој приоритет ќе добие граѓанска потврда – сега кога сме на прагот на неговото остварување.