Димовски ќе го оспори пред Уставен суд Законот за јазици


Доскорешниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски ќе го оспори пред Уставен суд новиот Закон за употреба на јазиците доколку претседателот Ѓорге Иванов и парламентарното мнозинство не спречат тој да стапи во сила.

Ова Димовски го најави денеска преку статус на фејсбук, повикувајќи го претседателот да стави вето на Законот за јазиците.

„Како пратеник во Собранието на Македонија, апелирам: до претседателот – да не го потпише Указот за прогласување на овој Закон. Тоа негово уставно право никој не може да го оспори, посебно затоа што во овој случај има десетици и десетици аргументи; до пратениците – да не гласаат за овој закон кога тој повторно ќе се врати на седница. Верувам дека барем 10 пратеници на СДСМ до тогаш ќе разберат каква голема и непоправлива штета нанесуваат на сопствената држава. Доколку, и покрај укажувањата на целокупната јавност, пратениците на СДСМ повторно одлучат да гласаат за овој закон, најавувам дека ќе поведам иницијатива пред Уставниот суд за поништување на овој закон“, најавува Димовски.

Според него, Законот за употреба на јазиците, што тој го нарекува „закон за двојазичност“ е штетен, дезинтегрирачки дискриминирачки и целосно неуставен документ.

„Овој закон е донесен како плод на партиски пазарења меѓу партиите, а не како плод на суштинска, длабока и сеопфатна анализа на реалните потреби на нашите сограѓани од помалубројните етнички заедници (Албанците, но и сите други помали заедници). Процедурата за донесување на овој закон беше целосно неделовничка и спротивна на основните демократски стандарди. Овој закон е донесен на сила. Овој закон ја загрозува позицијата на македонскиот јазик во Македонија, но и ја загрозува унитарноста и иднината на нашата држава“, вели Димовски.

Тој наведува дека нашите сограѓани имаат потреба од прецизирање, имплеметирање, па и подобрување на употребата на албанскиот јазик, но дека таква потреба имаат и Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите.

„Човековите и јазични права не се срамни и не се за под тезга како постапката за носење на овој закон. Зошто тајно, зошто исклучиво, зошто со злоупотреба на европско знаме, зошто без јавна расправа, зошто без професори, факултети и институти, зошто поените на партиите се позначајни од потребите на граѓаните.
Овој документ не треба да помине, а сите треба да работиме на документ во согласност со меѓународните стандарди, во согласност со Уставот и врз база на суштинските потреби на нашите сограѓани. Овој закон нема да донесе добро за државата и нејзините граѓани“, оценува Димовски.