Димовски предлага конкурс за избор на Антикорупциска пред избори


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, како претседател на собраниската Комисија за избори и именувања, предлага да се избере нов состав на Антикорупциската комисија, според постоечкиот концепт, а пред евентуалните предвремени парламентарни избори.

Тој доставил денеска до парламентот предлог-одлука за распишување јавен оглас за именување пет членови на Комисијата за спречување на корупцијата, според критериуми предвидени со актуелниот закон. Доколку одлуката помине во парламентот, за што е потребно обично мнозинство, новите членови на Антикорупциската комисија би имале ограничен мандат – до април следната година. Дотогаш требаше да трае мандатот на петтемина членови на Антикорупцоската комисија кои поднесоа оставки на функциите поради скандалот со лажните патни трошоци. Тогаш, оставки одбија да поднесат  само двајца антикорупционери кои се сѐ уште на функциите.

Изборот  на „подновен“ состав на Комисијата би бил преодно решение затоа што, како што вели Димовски, нема логика да се оди на предвремени парламентарни избори без тело кое би ги следело евентуалните случаи на корупција за време на изборите.

Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска изјави вчера дека е во нацрт-фаза новиот закон за спречување на корупција, со кој треба да се предвиди и нов концепт на Комисијата што ја третира оваа проблематика.

Како што наведува Димовски во образложението на предлогот за распишување конкурс за нов состав на Антикорупциска, подолго време трае неизвесноста околу донесувањето на новиот закон за спречување корупција, а Собранието, вели, не смее да дозволи нефункционалност на една толку важна државна институција.
-Политичката најава за можни предвремени избори, дополнително ја наметнува потребата за комплетирање на составот на ДКСК, заради нејзините надлежности во домен на изборите, се наведува во образложението.