Димовски: ВМРО-ДПМНЕ се движи кон изолација


„Останувам на мојот принципиелен став за тоа дека договорот од Преспа има штетна содржина во себе, дека власта погрешно го водеше целиот процес и дека не смееше да биде исклучива спрема опозицијата од самиот почеток. Останувам и на ставот дека јас како пратеник немам право и легитимитет да гласам за промените во Уставот. Како што постапив во првата фаза, така ќе постапувам и во иднина. Но останувам и на мојот добро познат став дека ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време, и пред и после валандовскиот Конгрес, се води во погрешен правец, што се гледа низ неостварените политички цели на партијата“, вели во писмената изјава Илија Димовски.

„За жал, сега веќе е видливо, дека партијата се движи кон изолација, и спрема надвор, и спрема сите други политички фактори во државата, но и спрема сите свои членови кои за едни, други или трети теми имаат различно мислење од претходното и од сегашното раководство.

ВМРО-ДПМНЕ сама се доведе во ситуација да го изгуби капацитетот да влијае на кој било сериозен политички процес во земјата и државните одлуки повеќе, за жал, не зависат во ништо од ставот на мојата партија. Партијата веќе подолго време не успева да оствари ниту една од своите политики и заложби токму заради оваа изолација. Така и нашите поддржувачи губат верба дека што било и да е став и заложба на ВМРО-ДПМНЕ, тоа некогаш може да стане реалност и да се ефектуира.

Штета е и што внатрешно во себе, наместо да се шири, развива и расте, да прибира повеќе луѓе и идеи околу себе, партијата континуирано се занимава со бркање т.н. предавници, непријатели и нелојални членови. Сѐ додека не се воведе принципот на почит и поддршка за различно мислење од официјалниот став на партијата по однос на политиките, ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да напредува. Во тој контекст размислувам и дека нападите, разрешувањата и исклучувањето на луѓе во последниот период се избрзани и резултат на некорисни емоции и сериозен афект од состојбата. ВМРО-ДПМНЕ растела секогаш кога прибирала луѓе околу себе.

Сакам да подвлечам дека нема да учествувам во ниту една нова фингирана битка, игра и пресметка во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи почнувајќи со Конгресот во Валандово, па сѐ до ден денес сите се такви, фингирани.

На ВМРО-ДПМНЕ во овој момент му требаат неколку работи. Прво и неодложно мора да се направи темелна, а не козметичка реформа на партискиот Статут, со целосна демократизација на процесот на носење на политички одлуки, но и целосна демократизација на процесот на избор на партиските тела и органи, почнувајќи од месните комитети, па сѐ до највисоките органи. Второ и суштинско е да се напушти принципот дека партијата мора да се води по правилото за градење на култ на личност. Трето, ВМРО- ДПМНЕ има обврска да направи дисконтинуитет со грешките од минатото. И четврто, партијата мора да научи да гради нови мостови наместо да ги крши и оние кои досега ги имаше. Овие чекори се единствен начин како партијата може да дојде повторно на сериозно ниво да влијае на политиките во државата, а и еден ден да се надева дека ќе се врати на одговорноста да ја предводи Македонија“, вели Димовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во писмената изјава за медиумите.