Димитров: Уверен сум дека граѓаните ќе застанат зад договорот, ќе паднат стравовите


Доколку референдумот за договорот за името биде успешен ниту една политичка партија нема да може да им каже „не“ на граѓаните, порача вечерва шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за Топ тема.

– Ако референдумот за името биде успешен, која е таа политичка партија, што на граѓаните ќе им каже „не“. Народот не се сто луѓе или 30 лажни профили на Фејсбук или сто. Народот сме два милиони луѓе. Ќе видиме колку останаа во Македонија, можеби еден милион и петстотини, можеби милион и шестотини. Тие што останаа ќе добијат шанса, резултатите од референдумот ќе кажат што сака народот. Таа амбиција и дрскост да се зборува во името на народот мене ми е неподнослива од времето на кризата на неказнивоста, рече Димитров, во врска со ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат договорот.

Нагласи дека како Влада имаат цврста позиција дека ќе ја следиме волјата на граѓаните.

– Ќе излегуваме и ако треба секој ден и десет пати и стопати ќе објаснуваме зошто мислиме дека ова е добра работа и зошто треба да се направи. Не знам какви ке бидат ставовите на опозицијата, но волјата на народот оваа Влада и ова парламентарно мнозинство ќе ја почитува. Уверен сум уверен сум дека граѓаните ќе застанат зад оваа работа, ќе паднат стравовите, порача Димитров.

Прашан што кога ќе се смени власта и најавите за промени на договорот од опозициите на двете земји, Димитров рече дека мора да инвестираме и ние и Грција во однос на заедничко разбирање и заеднички интереси во иднина.

– Мислам дека отидовте многу далеку. Треба овој договор да влезе во сила има многу чекори да се изодат. Штом влезе, кај нас потребно е успешен референдум и потоа ратификација во грчкиот Парламент. Во тој момент овој договор ќе влезе во сила. Мора да инвестираме и ние и тие во Грција во однос на заедничкото разбирање и интереси во иднина, рече Димитров.