Димитров пред дипломатскиот кор: Членството во ЕУ останува клучен приоритет


Членството во Европската унија останува клучен приоритет во надворешната политика на Македонија, изјави вечерва министерот за надворешни работи Никола Димитров, пред дипломатскиот кор на традиционалниот Новогодишен и Божиќен прием.

Тој изрази очекување оти реформската ориентираност на земјата ќе донесе напролет безусловна препорака за почеток на претпристапните преговори.

– Искрено се надеваме дека нашата политичка волја и реформска ориентираност, заедно со поддршката на нашите пријатели и партнери, ќе ни донесе безусловна препорака за почеток на пристапните преговори, следната пролет. Ова е пред се во интерес на нашите граѓани, но исто така и во интерес на земјите од регионот и пошироко, истакна Димитров.

Тој ја нагласи и детерминираноста на Македонија за евроатлантска интеграција, но и за поголем придонес на мултилатерален план на кој државата прави значајни чекори преку неодамнешната ратификација на Парискиот климатски договор и онаа на Советот на Европа (Истанбулската конвенција за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство), чие ратификување се очекува наскоро.

Амбасадорот на Руската Федерација, Олег Николаевич Шчербак, во име на сите членови на дипломатскиот кор, му се заблагодари на Димитров за приемот и ја истакна добрата и продуктивна атмосфера во соработката на дипломатскиот кор со Министерството за надворешни работи и со сите други државни институции