Димитров охрабрен од поддршката во НАТО


Шефот на дипломатијата Никола Димитров по состанокот со министрите за надворешни работи на НАТО порача дека е многу охрабрен од поддршката што ја доби Македонија, најавувајќи и тој дека во фебруари 2020 година земјата треба да стане членка на алијансата.

„За нас ова е незавршена работа. Од 1993 година сакаме членство во НАТО а требаше да влеземе во 2008 година. Конечно го надминавме проблемот со името, и тоа е важно за нас и за регионот бидејќи значи повеќе стабилност и повеќе предвидливост. За нас  членството исто така значи Македонија да остане во овие граници“, изјави Димитров пред новинарите.

Според него ниту еден преставник на земја членка не искажал дилема или забелешка за она што се прави во земјата и за тоа како се исполнуваат условите, и пораката била единствено дека не чекаат како 30-та членка.

„Довербата во владеењето на правото во Македонија е порака што ја добивам од повеќето земји последните денови. Министерот на Литванија  ми рече  дека многу долго чекаме , дека членството ни е одработено и заработено. Дека ги исполнуваме критериумите и нема недоверба во владеењето на правото во земјата“, изјави Димитров во контекст на дилемите како бегството на Груевски и новите случувања околу УБК се примаат тука во Брисел.

 

Слободанка Јовановска

Наш известувач од Брисел