Димитров најави паралелен преговарач со Васко Наумовски


Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, не очекува Метју Нимиц во
Брисел да дојде со нов предлог за името. Ова вечерва во Топ Тема на Телма ТВ го
изјави Димитров, кој сепак се огради со зборовите „ќе видиме“.

„Мислам дека првата средба по подолго време ќе биде искористена од Нимиц за
купување на сигнали од двете страни и дека нема баш на таа средба да има предлог, но
ќе видиме“, изјави Димитров.

Министерот за надворешни работи притоа информираше дека во Брисел на средба со
Нимиц ќе оди досегашниот преговарач, Васко Наумовски, но придружуван од висок
дипломат, чие име Димитров не сакаше да го открие, па дури и рече дека „може да бидат
и неколку и да се менуваат“.

Во интервјуто во Топ Тема тој не сакаше да ги открие црвените линии на
Македонија во преговорите за името велејќи дека јавно соопштување во основа го
стеснува просторот за поместување во спорот.

„Кога јавно ги соопштувате црвените линии, со тоа јавно ќе им соопштиме на Грците која е
нашата последна линија, а целта е да се заштитат националните интереси и да
постигнеме решение. Во основа можат многу тешко да се спроведат преговори ако
упатувате пораки преку јавноста. Нема да биде корисно за нас, пред да биде почне
процесот, да се отвориме“, рече Димитров.Притоаа тој лично нема да брани решение за името кое не се брани и кое го засега македонскиот идентитет.

Тој антиквизацијата на македонската историја ја нарече авантура која
беше штетна за Македонија, не само кон надвор, туку и кон односите внатре во земјата.

„Тоа беше една недоговорна политика“, е ставот на Димитров.Според него, Грција никогаш директно не ги поставила како услов отстранувањето на споменикот на Александар Македонски или преименувањето на аеродромот и ќе биде прашање на проценка во моментот дали ние ќе бараме отстапка од Грција или тоа ќе биде еднострано.

„Нашиот идентитет, нашето име не се брани на плоштадот во Скопје, туку со европска
политика. Како ќе убедиме некого ако клоцаме“, рече Димитров.

Димитров е на став дека на Македонија и треба државен консензус околу името, и смета
дека критиките и ставот на Никола Груевски кон политиките на новата влада не ја делат
сите во опозицијата.

„Не знам дали опозицијата е толку унисона и монолитна како што беше, и дали сите го
делат ставот кој го изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Димитров.

Димитров на прашањето дали постои план Б за евроинтегративниот процес и членството
во НАТО и ЕУ,смета дека план Б е нашата издржливост.

„Планот Б се состои во тоа да бидеме издржливи на вистинскиот правец. Не може да го
изгубиме моралнинот компас и да го ставиме државниот апарат во функција на неколку
луѓе. Ако народот се покажа силен, мора и институциите да се покажат силни“, изјави тој.

Шефот на дипломатијата во интервјуто најави дека во
одмината фаза е договарањето за именување на првата група на амбасадори во 20
испразнети дипломатско-конзуларни претставништва на Македонија.

„Се работи за голема група и сите се кариерни дипломати“, најави Димитров.