Димитров за РСЕ: Патриотизмот значи грижа за државноста


Барањето на МПЦ до Бугарската православна црква да и биде црква-мајка и како тоа ќе се одрази врз регионалната соработка, добрососедството и позициите на Македонија, е прашање за црковните власти и нивниот напор да се обезбеди автокефалноста, смета министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој во ТВ интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека нема ангажман околу ова прашање и потсетува дека државата е одвоена од црквата.

– Мислам дека тоа е прашање за црковните власти и нивниот напор да се обезбеди автокефалноста. Можеби извлекле некаков импулс од отворањето на односите со Бугарија. Сепак, би се воздржал да коментирам какви ќе бидат импликациите, истакнува Димитров.

Во врска со прашањето за името со Грција, министерот потенцира дека Македонија не смее да се плаши и ќе влезе во преговори со добра верба, во обид да ги надмине разликите.

– Нема да преговараме од страв и не можеме да излеземе со решение што нема да ни ги покрие главните грижи. Мора да најдеме начин двете страни да излезат со чувство дека најважното го заштитиле, вели Димитров.

На прашањето до каде е подготвена да оди Владата и дали и од грчката страна би имало реципроцитет при евентуална промена на имиња на автопатот, на споменици и ревизија на учебници, информира дека за ова прашање во Владата не разговарале.

– Клучно е да се разбереме оти патриотизмот значи грижа за државноста и дека е клучно да бидат одземени аргументите на оние политички сили во Грција што имаат интерес да ја држат блокадата. Во основа и во изјавата на Косијас имплицираше дека ова ќе биде двонасочен процес, вели Димитров за РСЕ.