Димитров за претседател, Шекеринска и Пендаровски министри?


Никола Димитров да биде кандидат за претседател, Радмила Шекеринска да го заземе неговото место во Министерството за надворешни работи, Стево Пендаровски да се трансферира во Министерството за одбрана, а Оливер Спасовски да остане „прв полицаец“. Ова е една од варијантите за која се размислува во Социјалдемократскиот сојуз откако овие четворица истакнати претставници на власта искажаа амбиции да се кандидираат за шеф на државата. Стравувајќи од меѓусебни конфронтации, кои би се одразиле и врз резултатите од изборите, но и врз внатрешните односи во владејачката партија, на „Бихаќска“ тактизираат и бараат решение што би било прифатливо за сите потенцијални кандидати.
Во тој контекст се толкува и последната изјава на министерката за одбрана, која вели дека лично не верува оти две жени ќе влезат во трката за претседател. Ако се знае дека Гордана Силјановска е фаворит на опозицијата за нивен претседателски кандидат, „неверувањето“ на Шекеринска значи оти таа не планира да влезе во директен дуел со професорката по уставно право. Таа и пред неколку дена рече дека нема да се пријави на партискиот оглас за претседател, но остави можност некој друг да ја кандидира.
Огласот во СДСМ сѐ уште трае, а засега не се открива дали некој се пријавил. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вчера уште еднаш повтори дека нема амбиции да се пресели во вилата на Водно. Иако за себе смета дека би бил идеален консензуален кандидат, но, сепак, како што вели, бил млад за таа функција. Премиерот, всушност, не ја затвори вратата за евентуална коалиција со ДУИ, имајќи предвид дека од Мала Речица порачаа дека нема да им бидат привезок на СДСМ. Заев додаде дека деновиве разговараат и со коалициските партнери, како и и со други партии во и надвор од парламентот.
„Сакам да ги повикам сите да направиме една заедничка, одговорна анализа и да пронајдеме личност или личности зад кои би можеле да застанеме заедно. Ако најдеме такви личности, тоа би бил вистински консензуален кандидат, кој ќе ги имплементира политиките на ова модерно живеење, на прогресот и просперитетот кој го очекуваме. Ги повикувам и ДУИ, двете Беси и другите помали партии да ни се приклучат. На локалните избори гласавме за личности, можеме да направиме уште еден скок“, повика Заев.
Во врска со изјавата на ДУИ дека нема да поддржат кандидат за претседател произлезен од конгресот на СДСМ, Заев рече дека наследникот на Иванов заедно ќе го бараат по пат на заедничка анализа.
„Не мораме да чекаме конгрес некоја партија да дефинира кандидат, затоа што на тој начин ги принудува другите партии да ја следат одлуката. Тоа не е консензуално барање. Консензуално е ако ангажираме од нашите партии и платиме експерти да ни направат добри анализи и да изнајдеме кандидати. Не зборувам за пратеник, за премиер, за министер, за директор, зборуваме за претседател на државата, тука е и одговорноста на сите нас како политичари“, испрати премиерот помирлива порака до коалицискиот партнер.
Од ДУИ, пак, велат дека и покрај официјалниот став да настапат со свој кандидат на изборите, оставаат можност пред истекот на рокот да постигнат и друго решение.
„Ние сме во комотна ситуација, имаме и кандидати и квалитет и опции“, тврди пратеникот Џевад Адеми.
Во моментов, сепак, поизвесно е дека СДСМ и ДУИ ќе одат со сопствени кандидати, додека албанските опозициски партии договараат коалиција против Али Ахмети. Во најголемата владејачка партија повторуваат дека нивниот фаворит ќе го соопштат на трети март.
Кога се во прашање евентуалните предвремени парламентарни избори, Заев вели дека го привлекувала можноста да добие уште еден четиригодишен мандат, но оти сугестиите се да се фокусираат на евроинтеграциите и добивањето датум за пристапни преговори со Европската Унија.
„Првата опција е привлечна за политичарите, но интересот на државата мора да биде над партискиот. Да не им даваме никаков изговор на земјите членки, кои се против проширувањето“, нагласува премиерот, индиректно потврдувајќи го тоа што се знае: предвремени избори нема да има.
Во ВМРО-ДПМНЕ заклучија дека СДСМ се плаши од предвремено соочување со граѓаните, затоа што било јасно оти ќе доживеат пораз и ќе мора да се збогуваат со власта. Во белата палата ги одбројуваат последните седум дена пред конвенцијата во Струга каде ќе го соопштат нивниот кандидат за претседателските избори. Во моментов, деветмината пријавени на огласот имаат можност да ја соопштат нивната програма и визија пред општинските комитети на партијата. Силјановска, за почеток, ги обиколува скопските општини и на членовите и на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ им објаснува зошто треба да ја поддржат. Од друга страна, Влатко Ѓорчев, сѐ уште е во САД, каде учествуваше на традиционалниот појадок со американскиот претседател. Од САД, тој редовно известува за средбите што ги имал со американските конгресмени и сенатори.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски