Димитров до Сијарто: Парадоксално е барањето азил во земја на ЕУ од личност во чие владеење Македонија беше „заробена држава“


Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска иницираше и оствари телефонски разговор со својот унгарски колега Петер Сијарто во врска со поднесеното барање за азил до унгарските власти од страна на поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски.

За време на разговорот, како што соопшти македонското МНР, министерот Димитров посочил дека во случајот станува збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела.

Димитров воедно ја потенцирал важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип. Притоа укажал на парадоксалноста на ситуацијата да се бара политички азил во земја членка на ЕУ, од страна на личност во чие време на владеење, земјата кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од страна на самата Европска комисија.

Министерот Сијарто во телефонскиот разговор, ја потврдил информацијата дека Никола Груевски поднел барање за азил до надлежните унгарски власти и дека правната процедура е веќе започната. Притоа нагласил дека унгарската поддршка за реализација на аспирациите за европска и евро-атлантска интеграција на Република Македонија, како и добрата билатерална соработка меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина.

Претходно, за телефонскиот разговор Димитров-Сјарто информираше и Министерството за надворешни работи на Унгарија.

Сијарто, како што посочуваат оттаму, му кажал на Димитров дека барањето на Груевски за азил во Унгарија е правно, а не политичко прашање и дека унгарските власти ќе одлучуваат целосно според меѓународното право.

Во разговорот Сијарто нагласил дека Македонија и натаму може да смета на силната поддршка од Унгарија во процесот на интегрцијата во ЕУ и НАТО.

Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, вчера потврди дека Груевски поднел барање за азил.

– Со оглед дека 10-тина години беше премиер, поради безбедносни причини унгарските власти дозволија Никола Груевски барањето за азил да го достави и да биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за имиграции и азил во Будимшпешта, соопштија од кабинетот на Орбан, нагласувајќи дека продолжува унгарската поддршка за Македонија која, како што е наведено, е стратешки пратнер и сојузник на Унгарија.