Димитров: Веста за оставката е специјална војна
Министерството за надворешни работи денеска преку соопштение најостро ги осудува, како што наведува, малициозните обиди за ширење лажни вести и децидно ја демантира дезинформацијата дека министерот за надворешни работи Никола Димитров, дал оставка.
„Министерот за надворешни работи на Република Македонија, како и досега, така и понатаму, ќе продолжи посветено да работи на европската и евроатлантската иднина на земјата, со цврста верба во решителноста и јасно изразената мнозинска волја на вчерашниот референдум. Во овие клучни времиња за Република Македонија, најмногу од се’ е потребна мудрост, разум и храброст за преземање одлучни чекори за конечно обезбедување иднина за нашите граѓани“, стои во демантот.
За дезинформацијата реагира и самиот министер. Димитров на својот „фејсбук“ профил напиша дека вестата за оставка е специална војна.
„Не им доаѓа ум. Специјална војна почнаа. Значи, како што вели Виктор Иго, нема ништо посилно од една идеја на која и’ дошло времето. Ќе ни’ ја биде нашата Македонија! И не дигам раце додека не ни’ ја биде!“, напиша Димитров.
МНР бараат одговорност за овој како што го оценуваат „груб фалсификат“.
– Повикуваме на одговорност за овој груб фалсификат, кој и покрај аматерскиот и крајно очајнички обид за лажно продуцирање на официјален акт на министер во Владата на Република Македонија, прави голема штета со тенденциозното пласирање на една огромна невистина, се наведува во демантот од МНР.