Димитров: Амандманите ќе влезат во сила ако и Грција го изгласа Договорот


Во попладневната собраниска дебата за XXXIII нацрт-амандман на Уставот на Република Македонија, во согласност со Договорот од Преспа, пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ праша што ќе направи Владата доколку во Грција не биде прифатен Договорот од Преспа и дали повторно ќе се пристапи кон уставни измени.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров објаснуваше дека во одлуката која што ја имаат добиено сите пратеници, заедно со нацрт аманданите, стои дека амандманите ќе влезат во сила доколку Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО бидат изгласани во Грција.

„Ако ние овде ги затвориме уставните амандмани и ги прифатиме, овие амандмани стануваат составен дел од Уставот и влегуваат во сила со денот на влегување во сила на Договорот и со ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција. Амандманот влегува во сила со одлука за прогласување и во таа одлука се наведени условите кога влегуваат во сила. Текстот, горе каде што се наведени сите амандмани, е одлуката и не знам кој има корист од повторно, упорно, повторување на нешто што е очигледно“, рече Димитров оценувајќи дека процесот е пресериозен за површно политиканство.

Министерот за надворешни работи оцени дека поранешната Влада имала многу лоша надворешна политика, пред се поради, како што кажа, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски сега бегалец од правдата во Унгарија.

Илиоски, пак, потсети дека Димитров бил главен преговарач за името во еден период од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ потенцирајќи дека „не ѕидот, туку името на државата е во прашање“.

„Нема да сме повеќе Македонија, ќе бидеме Северна Македонија, а вие цитирајте закони, устави, еден факт ќе остане и ќе биде очигледен а тоа е дека без поддршка од најмалку половина граѓани од оваа држава го менувате уставното име, и уште поголем факт ќе остане, потписник на тој договор сте вие“, посочи Илиоски.

Министерот Димитров му реплицираше и на пратеникот Влатко Ѓорчев кој обвинуваше дека власта полнела кутии на референдумот.

„Согласно вашата програма вие требаше да бидете против ова решение, мораше да излезете на референдум. Фалат гласовите против, бидејќи немавте доблест да излезете и да го повикате народот на кој многу често се повикувате, неосновано. Тоа направи рана во македонското ткиво. Референдумот ќе беше успешен бидејќи ние имаме многу доволни гласови, 609. 427 гласови „за“. Народот што гласал против се 37.687 гласачи. И тие од вас што имаа доблест да излезат ги здробивте. Оваа рана што се отвори е затоа што не си ја почитувавте програмата и што не излеговте на референдум“, рече Димитров.