Диковци донираат државни пари по сопствена проценка


Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, бонусот кој го добил како надомест по едногласно донесената одлука на членовите од ДИК, го донирал на невладината организација „Полио плус“. Средствата во износ од 260.000 денари веќе легнале на сметката на здружението за лица со посебни потреби.

Чичаковски изјави дека овие пари ќе бидат наменети за проект со кој ќе им се помогне на лицата со посебни потреби полесно да го остварат своето избирачко право.

Атанас Урумов, член на ДИК, за Канал5 изјавил дека во договор со колегите, парите ќе ги донираат на Клиниката за детски болести или на Клиниката за гинекологија. Реџеп Прекупуца уште не одлучил, но доколку донира, „тоа ќе биде според традицијата и законите на исламската вера – тајно“.

Јавноста бара оставки од членовите на ДИК поради високите бонуси, доделени на натранспарентен начин, за што алармираше амбасадорот на САД, Џес Бејли. Има бурни реакции и за начинот на кој членовите на ДИК решаваат каде да ги донираат парите, оти станува збор за пари од буџетот.