Детали од средбата Заев – Бутарис: Преку вечера од морски плодови до разговори за соработка


Во добра клима, со морска храна и разговори за соработка, според грчките медиуми, поминала синоќешната вечера на македонскиот премиер Зоран Заев со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис во познат солунски ресторан. И двајцата по завршувањето на вечерата, за грчките новинари, како што јавува дописникот на МИА, го изразија нивното задоволство.
– Имавме многу убава вечера со господинот Заев. Вечерата беше чисто од приватна природа затоа што не поврзува приватен однос и се надевам дека набргу ќе дојде повторно, им рече Бутарис на новинарите по завршувањето на вечерата.
– За мене беше големо задоволство што имав вечера со градоначалникот на Солун и неговиот кабинет. Јас исто така сакам да ја искористам можноста да им посакам среќна Нова година на сите граѓани на Грција и на граѓаните на Солун. Секогаш ми е задоволство да бидам тука, рече македонскиот премиер на излегувањето од солунскиот ресторан.
На новинарите кои ги чекаа пред ресторанот и Заев и Бутарис им честитаа Нова година, но не открија детали за што разговарале. Солунскиот информативен портал Вориа, повикувајќи се на свои информации, објави дека македонскиот премиер за време на вечерата изразил оптимизам дека ќе се најде решение на спорот со името во првата половина на 2018., додека пак солунскиот градоначалник говорел за можностите за соработка.
– Според информациите, за време на вечерата, господинот Заев беше оптимист дека работите ќе одат кон добро и дека ќе се најде решение на прашањето за името во следните шест месеци. Исто така, спомена дека многу негови сонародници се наоѓаат во Солун за празниците. Бутарис, од своја страна, ја повтори неговата позиција да има напредок во соработката или со стипендиите или со поврзувањето на Вардар со Дунав, објави грчкиот информативен портал Вориа.
Вечерата, според локалните медиуми, траела три часа, а на менито имало морска храна, лигни, октопод, риба, салата и бело вино.
На вечерата присуствувале 12 лица, меѓу кои сопругата на македонскиот премиер, негови советници и советници на солунскиот градоначалник.
Македонскиот премиер, вчера попладне пристигна во Солун, а приватната посета предизвика голем интерес кај грчките медиуми. Новинари од различни телевизии и информативни портали, го чекаа македонскиот премиер пред солунскиот ресторан, како пред, така и по вечерата со Бутарис.
– Ова е приватна посета. Среќна Нова година, – им рече Заев на грчките новинари, при пристигнувањето во ресторанот, додека пак, Бутарис, потенцираше дека посетата е приватна и нема да стане збор за политички прашања, ниту пак за спорот со името.
Кусо откако започна вечерата, македонскиот премиер на неговиот твитер профил, сподели фотографија и напиша дека со Бутарис, во позитивна атмосфера, разговараат за прашањата кои ги поврзуваат.
– Солун прекрасен како и секогаш, пријателски град од соседна Грција. На заедничка вечера со градоначалникот Бутарис разговараме за нештата кои не поврзуваат, во позитивна атмосфера. Му се заблагодарив на гостопримството и ги споделивме очекувањата за успешна 2018 година, напиша синоќа македонскиот премиер на неговиот твитер профил.
Според солунските медиуми, македонскиот премиер бил следен од силно обезбедување од полицајци во цивил.