Дескоска: За Законот за нотаријат ќе одлучи граѓанскиот интерес


Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека ќе се слушнат спротивставените аргументи и на нотарите и на адвокатите за Законот за нотаријат со цел да се изнајде решение кое ќе биде во интерес на граѓаните и на заштитата на правната сигурност.

–  Пред моето доаѓање, во Министерството за правда постоела работна група за измени на законите. Изработен е нацрт-текст којшто треба да биде разгледан и да се направат консултации. Свесна сум дека станува збор за област која е сензитивна и во која различни групи кои работат во сферата на правото имаат спротивставени интереси, но првенствена цел на Министерството за правда ќе бидат интересите на граѓаните и она што значи интерес на заштита на правната сигурност, изјави Дескоска по одбележувањето на 20-годишнината на Нотаријатот во Македонија.

Предлог-текстот, како што рече, ќе биде предмет на разгледување и ќе се дебатира и со Нотарската и со Адвокатската комора.

– Сакам да ги слушнам аргументите и на едните и на другите, но и компаративните решенија, така што ниту едно решение априори нема предност во овој момент, нагласи Дескоска, одговарајќи на новинарски прашања.

Од Нотарската комора на Македонија велат дека нотарите се доволно едуцирани за да склучуваат договори и оти не треба да им се одзема оваа надлежност имајќи предвид дека има само 0,02 проценти тужби за поништување на нотарските акти.

– Нотарите сакаат да остане нотарскиот акт како форма која е главно обележје на секој нотаријат што е член на Латинскиот нотаријат. Адвокатите никогаш не биле исклучени од постапките кај нотарите. Присуството на адвокат никогаш не било забрането и не било проблем. Секоја странка може да има адвокат и тоа и порано не беше забрането. Затоа мислам дека нотарскиот акт треба да се врати во својот полн капацитет, изјави Олга Димовска, потпретседателка на Нотарската комора на Македонија.

Во следниот период се најавува зголемена улога на нотарите во борбата против перењето пари и корупцијата, а се очекува и забрзување на процесот на дигитализација на услугите што им се нудат на граѓаните.