Денеска во Скопје и во Валандово ќе се протестира против рудниците


Пред Владата денеска со почеток во 12 часот ќе се одржи протест за итно запирање на изградбата на рудникот Казандол.

„Иако живееме во Скопје, негативните последици од рудниците ќе ги чувствуваме и ние. Рудниците се проблем на целата земја! Екстрактивизмот не е живот, тој го уништува животот! Да покажеме солидарност со нашите сограѓани, да покажеме став против, да побараме итно стопирање на изградбата на рудникот! Да се собереме пред Влада на РМ да го покажеме нашиот протест и директно да го доставиме барањето за мораториум на сограѓаните од Југоистокот!“, се вели во повикот за протестот објавен Фејсбук страницата „Плоштад Слобода“.

Во исто време ќе се одржи протест и во Валандово. Маршот ќе започне во 12 часот со собир на сите граѓани на булеварот Првомајска пред автобуската станица во Валандово каде во 12. 30 часот ќе бидат одржани граѓански говори.

Маршот ќе почне да се движи кон крајната цел: регионалната крстосница Валандово – Пирава – Марвинци (Страиште) во 13 часот.

На протестот освен стопирање на Казандол, ќе се побара стопирање и на рудниците Иловица и Боров Дол.