Демократски сојуз инсистира: Македонија на т.н. „брза лента“ за интеграција во ЕУ


Партијата Демократскиот сојуз (ДС) смета дека Советот на Европската унија (ЕУ) на Самитот во Брисел на 28 и 29 јуни има обврска и одговорност да донесе одлука за започнување на пристапните преговори со Република Македонија за деблокирање на евроинтегративните процеси и отворање на преспективи за Македонија.

Најавата за вето од некои земји членки на ЕУ, како на пример Франција и други, може да го урнат постигнатиот договор со Грција, предупредуваат од ДС.

Инаку, Грција досега го користеше правото на вето при носењето на одлуки на Советот на ЕУ со консензус поради што Македонија има статус на кандидат за членство во ЕУ веќе 13 години без можност да ги започне пристапните преговори за членство.

„Демократскиот сојуз инсистира Македонија да биде ставена на таканаречена „брза лента” и интеграцијата да се одвива со забрзано темпо“, стои во соопштението на партијата.

Без разлика на контраверзните ставови на опозиционите партии во врска со Договорот помеѓу Македонија и Грција, во Македонија постои партиски и граѓански консензус за полноправно членство во ЕУ и НАТО како и препорака на Европската Комисија за започнување на процесот за пристапување кон Унијата.

„Одлуката за определување на датум за започнување на пристапните преговори треба да биде безусловна и преговорите треба за започнат по Самитот на Советот на ЕУ“, нагласуваат од Демократскиот сојуз.