Дело кое зрачи со уметност и нови идеи


Осврт на ретроспективната изложба на Танас Луловски-Тане 1940-2006

Сликарството на Танас Луловски-Тане се карактеризира со сигурна техника и концентрираност во работата особено со квалитетот на лирската преобразба на мотивот синтетизирајќи ја суптилно доловената предметност и извесната апстрактност на изразот облагородена со белината и тивкото струење на светлината. За мене сликата постои само кога ја создавам, вели тој. Луловски (роден во Желево, Леринско, денешна Грција) со фамилијата после трагичниот егзодус се преселува во Бела Црква, Војводина, и потоа во Романија. Таму го завршува средното образование и се здобива со солидна подготовка и знаења на ликовната академија во Букурешт (таму порано студирал Н. Мартиноски и други уметници).

Некои елементи од романската традиција ќе му остават впечаток. Луловски работел на циклуси кои имаат различни стилски белези меѓутоа подеднакво висок квалитет на техника и уметнички израз. Тој вешто влегува во површината и форматот на сликата,инвентивно организирајќи го распоредот на елементите во цртежот или насликаното платно. За него детаљот има значење како и празнината или ненасликаната површина. Мотивот е внимателно одбран при што сите делови се претставени од птичја перспектива со мајсторски претставени скратувања и пластично доловени предмети со суптилно назначени сенки во рамнината на сликата. Во поголем број дела доминира суптилно нијансираната белина како и ефектите на блага светлината во која се втопуваат нежните црти на глуварчињата или пластично обликуваните предмети (таа тема се претстави и на изложбата „Бела слика светлина“ во 1993).

Секој ликовен став или концепт на Луловски, во кој се внесени разни искуства и елементи содржи личен печат и автентични творечки поттици. Луловски бил убеден во значењето на обичниот мал предмет од животното опкружување особено на сувите цветови (кои беа расфрлени во малиот простор на ателјето) при што уметникот не ја гледал стварноста низ фотографија, туку ја одбрал техниката на прецизен цртеж или употреба на акрилни бои со кои постигнувал впечаток на фотографска прецизност (за фотографијата и сликарството во „Кинопис“ бр.4 од 1991). Мајсторски е изведено хармонизирањето на блиските тонски вредности на белината и светлите сенки на предметите, а нежниот допир на моливот и четката го заокружува впечатокот на мирна тензија и сугестивна иреалистичност на целината.

Начинот на обработка, специфичната поврзаност на предметното и апстрактното ја побудува личната реакција и можноста од разни видувања и асоцијативност на делото. Покрај очигледноста во нив се вткаени суптилни сугестии на магичност и метафоричност на изразот, некаде и со подотворен простор за филозофско толкување на сликовната претстава. Тоа е необичен спој на предметна извесност и бела невиност збогатена со искуства и мека филтрирана светлина кои предизвикуваат чувство на тивка медитативност, на една друга стварност паралелна на реалноста.

Првиот постакадемски период (од 1968 до почетокот на 1970-тите) е во знакот на колористички богата лирска и експресионистичка апстракција која имаат продолжено дејство и виталност во сликарството. На тие платна но и подоцна се појавува мотивот на линеарен лелеав „графизам“ кој динамично го освојува просторот на сликата (сликите „Трње“, „Траги“, „Меѓи“ и други кои говорат сами по себе).Тоа е зрела фаза на слики на контролиран гест и хармоничен топол колорит, во густа паста кој сугерира јужно поднебје и проткајување на темнината и светлината,на мирот и немирот. Во тој период Луловски, всушност, ги поставува темелите на своите интересирања и натамошната творечка еволуција. Тој вешто го дели платното на геометриски одредени површини, монохромни и ненасликани, како и оние со нежен изразен „графизам“. Внесува и површини на негрундирано платно.

Посебно значење добиваат нежните глуварки, мотив кој се наоѓа и на други платна, сугерирајќи минливост во бескрајниот простор. Платното „Сочувани глуварки“ од 1975 добило космички сугестии. Според уметничкиот темперамент и сензибилитет овие платна, со квалитет на ремек-дела содржат елементи на сродност со делата на сликарот Сај Твомбли а претходните со енформелистот Волс, некои „Мусандри“ на Томо Шијак од 60-тите години.

Во 1974 се до 1976 година Луловски се свртува кон по „тврда“ предметност комбинирана со други предметни или апстрактни мотиви. Особено значење добива ракописниот текст што значи внесување и на автобиографски трогателни теми во неговите дела (подоцна помладите уметници на свој начин ќе ја обработуваат оваа концептуалистчка тема). И тука не изостанале извесни метафизички тонови и сугестии како и нови односи меѓу деловите на сликата. Луловски, супериорен цртач доловува материјалност на хартија за амбалажа но со нежен мотив на глуварчиња, инсект и некои површини со суптилно „извалкани“ делови (постои делумна сличност со некои понови дела на Р. Анастасов).

Со делото „Исушени калинки“ од 1978 Луловски беше застапен на Првото југословенско триенале – екологија и уметност во Марибор 1980. И во делото „Скитник“(1976) преовладува празниот простор насликан со придушени тонови и предметот кој со својата пластичност изгледа впечатливо. На платното „Бело јаболко“ (1975) има повеќе елементи компонирани во триаголник, во чија основа доминираат двете јајца „на око“.

Во период од 1976 до 1978 Луловски мошне уверливо наслика три варијанти на сликарско платно од опачината, пакувано или обвиено со завој. Тој на свој начин ја повтори античката анегдота на „измама на окото“ (францускиот критичар Жак Ласењ побарал на изложба платното да се сврти на „лице“). Примерот на авангардните проекти на Ив Клајн, како и на американските неодадаисти и на постсликарската апстракција во 60-тите можеби не му биле туѓи на Луловски кој подоцна со текст и цртеж, во вид на прашалници и други форми на концептуалност го вклучува гледачот како активен оформувач на замислата и поставува прашања за природата на уметноста.

Првиот цртеж од циклусот „Детски игри“ датира од 1981 и со прекини се развива до 1999 година. Мотивите на детски игри се обработени и од други автори чиј заеднички мотив е носталгично сеќавање на детството, кое се поврзува со чистота и со невиноста. Мотивот на лак и стрела, чатал, мета или испукани фишеци може да се поврзат со агресивноста во човекот, како и во детските игри. Луловски ја применил вообичаената цртачка постапка внесувајќи понагласена пластичност на предметните мотиви, со нови решенија на компонирање на елементите што сугерира движење и внесува аспект на време во делото.

Во 1975 Луловски го наслика христоликиот „Автопортрет“, кој потсетува на Диреровиот познат автопортрет, а во 1983. психолошки мошне сугестивниот и експресивен „Автопортрет“дела кои можат да застанат рамноправно со други дела во светското сликарство. Сликата „79“ од 1979 е претставена како слика-антислика со прицврстено црно платно со неправилни краеви врз бела основа; делото упатува на сликата „Црн квадрат на бела основа“ на Малевич. Луловски сакал да направи свое дело, според спомнатиот пример како и други уметници главно дел од постмодернизмот (меѓу нив и архитектот Заха Хадид). Следат неколку дела со варијација на тема сликарско платно и блинд рам во форма на триптих и со контрапункт на празно и полно,или насликано платно кои поставуваат прашање што е тоа уметност?

Во 1985 година како професор Луловски ќе ја развива својата педагошка дејност на Факултетот за ликовни уметности. Во 1990-тите, за жал, Луловски го одложи моливот и четката за подолг временски период. Сепак, во 2000 година го реализира тестаментално замислениот полиптих „Во слава на белото“. Средишната патека беше анимирана со монументална топка обвиткана со черги и видливи шевови. Луловски ненадејно се разболе по едно концептуалистичко претставување и во 2006 година почина. Музејот на современата уметност објави книшка но со прв монографски текст за уметникот. Неговото дело продолжува да живее и верувам дека во иднина ќе се смогнат сили (кои ќе ги надраснат актуелните состојби на растурена култура) да се изработи сериозна монографија како и соодветна конзервација на оштетените дела.

Владимир Величковски