Девојката на Саздовски добивала закани, во суд се појави со капа на главата


Обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири денеска во Кривичниот суд се изјаснија дека не се чувствуваа виновни за убиство на свиреп начин на Никола Саздовски.

Јавниот обвинител Ангел Фидовски рече дека ќе докаже дека двајцата обвинетите заедно со третообвинетиот, кој е во бегство, со умисла го лишиле од живот Никола Саздовски на начин што на 29.6.2018 на автобуската кај „Алкалоид“ го претепале нанесувајќи му смртни повреди. Тие му побарале лична карта и го прашале дали тој е Саздо. Тој потврдил и почнале да го тепаат по што Саздовски паднал на тротоарот, а обвинетите без милост со клоци продолжиле да го удираат по глава и градите. Саздовски бил префрлен на КАРИЛ, каде му била констатирана мозочна смрт, а на 9 јули починал.

Обвинителот рече дека ќе докажат дека обвинетите го сториле убиството за што имаат сведоци, но и вешти лица од судска медицина кои правеле обдукција на телото на Саздовски.

Во воведен говор адвокатот Насер Руфи рече дека обвинетиот Беља немал никаква намера, ниту умисла да го лиши од живот Саздовски и додаде дека ќе докажат дека единствена причина за смртта која настапила е поради металната кутија на ЕВН која се наоѓа на автобуската постојка.

Бранителот на Скендер Демири, Асмир Исмаиловиќ рече дека ќе докажат дека ваквото обвинение не може да опстане, бидејќи ако обвинетите му побарале лична карта и почнале да го тепаат…зошто Обвинителството не навело кој и какви дејствија презел. Според него, не е споменато дали делото е извршено со умисла или кој е мотивот. Адвокатите посочија дека ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна.

Доказната постапка почна со сведочење на Тони Саздовски, татко на убиениот Никола. Тој пред судот рече дека се приклучува кон кривичниот прогон.

По него почна да сведочи малолетничката В.Б., која беше видно вознемирена. Таа стави капа на главата и кажа дека добивала закани преку телефон. Судијката ја натера да ја симне капата, по што нејзиното сведочење беше прекинато за да реши судечкиот совет дали таа ќе сведочи јавно.

По кратката пауза судењето продолжи без присуство на јавноста.