Дебата: Западен Балкан не е Швајцарија за да не му треба членството во НАТО


Западен Балкан не е Швајцарија за да не му треба членството во НАТО, бидејќи земјите, а посебно во моментов, се регион низ кој минуваат каналите на екстремни идеологии поврзани со тероризам.

Ова денеска беше истакнато на панел дискусијата на тема „Членството на Република Македонија во НАТО: Задачи, предизвици и можности“ на која на прашања одговараа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, амбасадорката на Република Хрватска, Данијела Баришиќ, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски и политичкиот аналитичар Сашо Орданоски.

Главен акцент на дискусијата од панелистите беше ставен на безбедноста на државава која во моментов, според нив, нема сериозна опасност, но дека секогаш е добро да се има добри односи со сите земји на Алијансата која подеднакво се грижи за нејзините членки. Се разговараше и за анализите кои се водат дали граѓаните се запознаени со придобивките со членството во НАТО.

-Анализите во последните 25 години покажуваат дека граѓаните на Македонија немаат многу информации што точно значи НАТО членството. Но, сметам дека интуитивно го имаат својот став и го имаат своето очекување од членството во Алијансата, а тоа се поистоветува со зголемена безбедност, гаранција за интегритет и суверенитет, но и со економски раст на државата, рече Шекеринска.

Правеќји паралела за безбедноста на членките на НАТО и на аспирантите, министерката рече дека најголемата закана за членките на Алијансата се наоѓа далеку од нивните граници, а Македонија во ситуацијава е регион низ кој минуваат екстремните идеологии кои се поистоветуваат со тероризам.

Појасни дека кај многу од членките кои се скоро влезени во НАТО, па и кај постарите, се бележи континуиран економски раст, зголемување на странските инвестиции, намалување на вработеноста…, а посебно тој раст е највидлив кај Балтичките држави.

Според НАТО координаторот Пендаровски, информираноста на граѓаните на Македонија за значењето на Алијансата е на најниско ниво во регионот. За тоа, рече тој заслужна е претходната влада која водеше анти-американска кампања, а една од замерките им беше дека кога ќе влеземе во НАТО нема да исдржиме поради големата контрибуција в Буџетот.

-Последниот буџет на НАТО е 2,2 милијарди долари од тоа секоја земја членка од својот БДП одделува за Алијасата. Хрватска од како стана полноправна членка во НАТО требаше да одвои околу 3,5 до четири милиони евра што е 0,2 или 0.3 проценти од Буџетот на НАТО и претставува бројка од која не треба да се плашиме, рече Пендаровски и појасни дека тоа за Македонија би чинело колку двата споменика на мостот „Гоце Делчев“.

Пендаровски направи споредба меѓу НАТО и членството во ЕУ за кое рече дека Велика Британија пред некое време имаше референдум за излез од Унијата, но и дека се нема случено ниту една држава членка на Алијансата да побара да излезе од НАТО, па дури ниту Исланд која нема војска, а е членка на Алијансата.

Како една од причините зошто Македонија треба да биде членка на Алијансата и на дали ризикот од тероризам ќе се зголеми или ќе се намали, аналитичарот Ордановски потсети на проблемите кои ги имавме со инцидентот во Куманово – „Диво насеље“, кој според него комуникацијата на нашите соседи дозволи случајот да остане, како што рече, релаксиран од регионални конфликти.

-Тоа да се случеше на почетокот на 90-тите ќе беше во потполно друг контекст. Фактот што се случи во 2015 година со ваков опкружен и избалансиран регион со НАТО, овозможи тој инцидент ние да го преживееме, па макар со висока цена. Тоа е моментот кој треба да го имаме во предвид за безбедноста која ја дава Алијансата, рече Ордановски.

Панелистите одговараа на прашања од публиката како и поставени на веб страната на Граѓанската организација ЦИВИЛ која беше организатор на дискусијата како дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.