Дебар: ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата и Беса го срушија ДУИ


ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата на Албанците и БЕСА избраа в.д. градоначалник на Дебар, по што ДУИ остана со празни раце. По смртта на Ружди Љата, советниците го избраа Еуген Цами од Алијансата за негов наследник. Тој доби поддршка од тројцата советници од матичната партија, двајца од ВМРО-ДПМНЕ, двајца од БЕСА и еден советник од ПЕ. Цами на ова функција ќе биде до изборот на нов градоналаник, за што ќе бидат спроведени избори.

„Бидејќи законот предвидува избор на нов градоначалник во рок од шест месец од смртта на претходниот, најверојатно новиот градоначалник ќе се избира на денот кога ќе бидат спроведени претседателските избори. Тоа со цел да не се прават дополнителни трошоци“, изјави Башким Машкули, претседател на Советот.

Цами се заблагодари на довербата и посочи дека ќе работи за доброто на граѓаните и општината. Тој е пензионер, роден 1940 година во Дебар, а има завршено виша педагошка академија.

Реагираа од ДУИ, од каде им порачаа на граѓаните да се бидат трпеливи до предвремените локални избори во оваа општина.

„Политиката понекогаш ги надминува моралните стандарди, и согласно политичките агенди, понекогаш ќе мора да ја прифатиме и оваа неморална одлука на малите опозициски парти од албанскиот блок и ВМРО-ДПМНЕ, во смртта на Ружди Лата да го пронајдат сопствениот политички успех.  На граѓаните на Дебар сакаме да им порачаме да почекаат неколку месеци, кога, по сила на закон, на избори, малите опозициски парти од Албанскиот блок заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ја проверат довербата за оваа нивна авантура“, соопшти ДУИ.