Двојни избори, само ако не успеат претседателските


Извршниот одбор на владејачкиот СДСМ ја затвори опцијата за предвремени парламентарни избори заедно со вториот претседателски круг на 5 мај годинава. Според наши информации, на ова прашање му биле посветени едвај неколку минути во дискусијата на седницата на ИО во вторникот доцна вечерта, со оглед на тоа што и во расправата во централниот одбор, пред неколку седмици, доминирале ставови дека не треба да се спојуваат двата изборни циклуса.
Затоа, пак, многу повеќе време било посветено на разгледување на можните сценарија за редовните претседателски избори. Кај највисокото раководство на СДСМ, според информациите, има расположение за договор со партнерите од ДУИ за заеднички настап на изборите. Но, околу можниот консензуален кандидат СДСМ ќе разговара и со партиите од коалицијата „За живот во Македонија“, од кои дел најавија дека размислуваат за самостоен настап во првиот претседателски круг, како ЛДП или Партијата за движење на Турците. Извршниот одбор, според наши информации, ги овластил генералниот и организацискиот секретар на партијата, Александар Кирацовски и Миле Зечевиќ, да ги почнат разговорите со помалите партии од коалицијата. Разговорите со ДУИ, пак, веројатно, ќе продолжат на лидерско ниво, односно меѓу Зоран Заев и Али Ахмети, кои веќе имале неколку средби на тема избори.
„Имаше разговори меѓу Ахмети и Заев, но деталите допрва ќе се договараат. Не е важно дали ќе биде маж или жена, ниту политичката или етничката припадност. Важно е да биде прифатлив за сите“, изјави вчера организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби.
На прашање дали Заев ќе бара поддршка од сите партии што се во опозиција, Груби рече дека ако кандидатот е прифатлив, не е проблем да биде поддржан и од албанската опозиција.
Раководството на СДСМ, наводно, искажало увереност дека на 5 мај ќе биде постигнат потребниот цензус од 40 проценти за шестите избори за шеф на државата и дека за мотивацијата на гласачите ќе придонесат последните успеси во делот на членството во НАТО и очекуваниот почеток на преговори со ЕУ. Иако било заклучено, дека случаите со судири на интереси, посебно при вработувањата во ЕЛЕМ, што испливаа на површина во последните денови лошо влијаат на довербата во партијата, Заев најавил неколку поголеми проекти кои би биле објавени во наредниот период кои би можеле да го амортизираат незадоволството.
Сепак, разгледувани биле и можностите за евентуален неуспех на изборите, со оглед на тоа што, како што било заклучено, и опозицијата, посебно ВМРО-ДПМНЕ, како и албанскиот политички камп, имаат одредени интереси од неуспех на изборите. Во таков случај, како што се наведува, веројатно би требало да се оди на уставни измени, при што предвид се земаат две варијанти: префрлање на изборот на претседател во Собранието или намалување на прагот за излезеност на 30 проценти, затоа што тешко би се постигнала согласност меѓу партиите за целосно бришење на цензусот. Во таков случај, не се отфрла можност од предвремени парламентарни избори, заедно со повторените избори за претседател. Со оглед на тоа што, во случај на одѕив под 40 проценти, нови претседателски избори би требало да се одржат во период од шест месеци, евентуални двојни избори би се одржале кон крајот на оваа година. Дотогаш, в.д. претседател на државата би бил претседателот на парламентот Талат Џафери.
Во однос на изборот на претседателскиот кандидат на СДСМ, во тек е постапка за евидентирање на можните имиња во базата – односно во месните организации, а потоа и во општинските разграноци. Меѓу предложените, според информациите, предничат четирите имиња на кои им се даваа најмногу шанси во изминатиот период: Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Никола Димитров и Стево Пендаровски. Иако на последната седница на ИО не биле разгледувани персонални решенија, впечаток е дека моментно расположението натежнува кон Димитров и Пендаровски, како партиски понеутрални личности, околу кои полесно би се постигнал консензус со други партии. (А.М.М.)