Две години потоа


Здравко Савески

Цела партиска камарила на СДСМ фактички за тоа се залагаше. Не им пречеше што се краде, туку што друг го прави тоа. Не им пречеа партиските вработувања, им пречеше што тие не извлекуваат корист од тоа. Но не протестираше само партиската камарила на СДСМ. Значителен дел од демонстрантите и од оние што ги поддржуваа протестите не сакаа само замена, туку и промена на начинот на владеење. Не бараа само да станат од фотелјите корумпираните политичари, туку оние што ќе седнат да престанат со злоупотребите. Протестите станаа познати како „Шарена револуција“. Тоа беше далеку од револуција. Не се заговараа ниту револуционерни ниту коренити промени. Промените што се бараа и очекуваа беа доста скромни: да нема злоупотреба на власта, да нема партизирање на институциите, на работните места да се доаѓа со квалификации, а не со партиска книшка, и Македонија да стане „нормална“ држава. Многумина со враќањето на демократијата и владеењето на правото на она (ниско) ниво на кои беа пред 2006 година ќе беа сосема задоволни.

Сепак, иако од СДСМ не се очекуваше многу, туку малку, тие и тоа не го исполнија. Изгледа премногу буквално го сфатија често повторуваниот рефрен „само Грујо да го нема“. Како бланко поддршка да прават што сакаат. СДСМ дојде на власт при ретко поволна констелација за себе. Толку лошо владееше ВМРО-ДПМНЕ што требаше да се вложи многу малку напор за да се биде подобар од нив. И покрај тоа, во рок од само десет месеци, власта на СДСМ успеа да разочара многумина, вклучително и добар дел од неговите поддржувачи. За само десет месеци. Многумина очекуваа дека долгиот опозициски период ги натерал да се опаметат. Не! Практикувањето на власта во овие десет месеци покажа дека ова е истиот оној СДСМ кој владееше до 2006 година, „надграден“ со техниките на злоупотреби на власта што ги научи од ВМРО-ДПМНЕ. Историјата се повторува, зашто се одбива да се научат лекциите. Една изрека предупредува: „Кој избира помало зло, избира – зло.“ Ќе ја научиме конечно лекцијата? Или и понатаму, одново и одново, ќе дозволуваме да бидеме излажани избирајќи го помалото зло и кукајќи отпосле, кога ќе се покаже ноторниот факт дека и помалото зло е – зло?

Граѓанскиот сектор одигра важна улога во делегитимацијата на претходната власт и во обезбедувањето поширока поддршка на протестите што се организираа против неа. Оттука, победата над претходната власт е и победа на граѓанскиот активизам. Но тоа е победа која остава горчлив вкус, победа која нанесе голема штета на перцепцијата за граѓанскиот активизам во очите на јавноста, со еден збор тоа е – Пирова победа. Одредени граѓански активисти, иако тврдеа дека не планираат да се активираат како политичари и дека ќе ја критикувале и следната власт исто како што ја критикуваа тогашната, се приклучија кон новата власт и, уште поважно, нагло замолчија околу нејзините злоупотреби на моќта. Таа недоследност, таа непринципиелност, тоа терање на личниот интерес не можеше да не се одрази негативно не само по нивниот личен имиџ, туку и на имиџот на граѓанскиот активизам.

СДСМ успеа да ги стави под контрола протестите на „Шарената револуција“, како и други протести претходно, зашто доста предводници на протестите беа луѓе кои градеа имиџ во јавноста дека не се партиски определени, кои не поседуваа партиска книшка, а кои дејствуваа во содејство со СДСМ. Колку и да е зачудувачко, за многумина доволна причина да не го гледаат некого како партиски војник е фактот што тој не поседува партиска книшка од некоја партија. Крајно формален аспект на работите, кој, зачудувачки, има голема тежина во очите на многумина. Па на одредени „фронтмени на револуцијата“ им веруваа дека се неутрални само поради фактот што тие не поседуваа партиски книшки. Да не беше трагично, ќе беше смешно.

А, имајќи предвид дека може да се претпостават и идни случаи кога ќе се користи истата матрица, под превезот на граѓанското организирање да се туркаат партиски агенди, прашањето што се поставува е дали ова може да се спречи, како да се спаси изворниот граѓански активизам од квазиграѓанскиот активизам кој е организиран, ставен под контрола или работи во интерес на политички партии?

Она што е факт е дека сè додека на партиите им успева да создадат привид за поширока поддршка за своите позиции преку нивно бранење од страна на навидум непартиски лица (оние без партиски книшки, нели?), тие тоа ќе го користат како метод. Барањето тие да се воздржат од тоа не може да има ефект. Одбранбениот механизам можеби треба да се бара во промената на категоријалниот апарат со кој се служиме. Па наместо пред очи да ја имаме дихотомијата граѓански сектор – политички партии, а помеѓу нив непробојна бариера, можеби стварноста ќе ни има далеку поголема логика ако почнеме да ги перципираме идеолошките милјеа на кои е поделена јавната сцена?

Милје, лабаво дефинирано, претставува средина, круг на лица и организации кои споделуваат исти или слични општествени и политички вредности. Во милјето има политички партии, но и непартиски организации како граѓански организации, синдикати, медиуми, како и експерти и луѓе кои не се посебно јавно или политички експонирани, но ги споделуваат општествените и политички вредности на своето милје. Особено важно да се нагласи е дека организациите и лицата кои се дел од исто милје не мора секогаш и со сè меѓусебно да се согласуваат за да бидат припадници на исто милје. Ако успееме да ги забележиме милјеата, тогаш ќе ни стане јасно зошто и лица кои не се членови на партии и кои никогаш немале партиска книшка, знаат да бидат жестоки бранители на политиката на партијата од нивното милје исто како и некој припадник на таа партија. И дека еден граѓански активист, без разлика што не е припадник на одредена партија, може да дејствува во иста насока со споделените општествени и политички ставови со партијата од милјето на која му припаѓа.

Денес, две години потоа, веќе се кристализира мислењето дека „Шарената револуција“ е предадена. Ако повеќемина сфаќаа дека е секундарна разлика дали некој е граѓански или партиски активист и ако, наместо тоа, се концентрираа на прашањето дали агендата на либералното милје, кое ги доминираше протестите, ги одразува нивните животни стремежи и интереси или не – можеби во протестите ќе влезеа со помали илузии? Можеби, не можеме да знаеме. Она што со сигурност може да се знае е дека ова нема да биде последната манипулација, ако не се почне да се извлекуваат поуките.

(Авторот е политиколог и член на Левица)