Два месеца нема настава на Филмската академија во Охрид


Студентите од Филмската академија во Охрид – ИФФА, ќе започнат правна постапка и ќе покренат заедничка, како и поединечни тужби против ресорното Министерството за образование и наука. Револтирани се дека веќе два месеца не е почната наставата за бруцошите, а дипломците од првата генерација кои веќе ги одбраниле своите магистерски тези не можат да добијат диплома, иако ги завршиле сите обврски што произлегуваа од нивните договори и студиски програми. На Филмската академија во Охрид студираат стотина студенти и постдипломци од целиот свет, но оваа академска учебна година професорите од странство воопшто не доаѓаат во Охрид поради нивниот нерегулиран статус.

Во писмото испратено до медиумите тие посочуваат дека Министерството за образование и наука ниту ги исполнило ниту ги испочитувало потпишаните договори, што резултирало со материјални штети што ги трпат студентите. Му забележуваат на Министерството и за дезинформирање и ненавремено информирање за ситуацијата што резултира со тоа што речиси два месеци воопшто да не се одвива настава во високообразовната институција.

„Студентите на Академијата пред две седмици побараа одговори кога ќе отпочне наставата од тековната учебна година, но освен дека се работи на решавање на проблемот, од МОН не пристигнала никаква информација ниту известување за евентуално решение“, подвлекуваат студентите од Филмската академија во Охрид ИФФА.

Го оценуваат како несериозен односот од министерството и на државата и дека не се почитуваат уметниците што дошле во земјава да се едуцираат. Покрај најавените тужби, студентите од странските држави веќе ги информирале матичните амбасади во Македонија за ситуацијата, како и медиумите во нивните земји.

Јавната научна установа „Институт за филм – Филмска академија“ во Охрид беше отворена во ноември 2015 година во соработка со Академијата за филм (ФАМУ) од Прага, а функционира како придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов за „Независен“ вели дека испратиле информација до Владата во која е предложено веднаш да се назначи в.д. директор на установата и да се најде излезното решение. По што ќе треба да се формира комисија и таа да разгледа што ќе се прави понатаму. Укажа на тоа дека изминатиов период биле констатирани низа неправилности на Академијата. Се трудат да најдат решение, да немаат штета студентите, сите да си продолжат со настава и да ги довршат студиите.

„Министерството за образование и наука не му има дадено решение за работа на ‘Институтот за филм – Филмска академија’ во Охрид цела година. Таа установа не ги исполнува основни законски услови, нема кадар, нема вработувања со звања, давањето дозвола претходно беше импровизација, а многу пари се потрошија. Сакаме сите студенти што се запишани на Институтот да си ги довршат студиите, за што верувам дека ќе најдеме решение“, објасни Атанасов.

(В.М.Л.)