Два затворски и еден куќен притвор за поранешни министри за земјоделство


Поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков и заменик министерот Кристијан Делев добија 30-дневен притвор, ексминистерот Ацо Спасеновски куќен притвор заради здравствени проблеми, додека пратеникот и ексминистер за земјoделство Љупчо Димовски се повикал на пратеничкиот имунитет, соопшти вчера Кривичниот суд. Тој ќе биде дополнително повикан да даде исказ во Судот, откако ќе се создадат услови за тоа.

Мерката притвор вчера им ја изрече судија на претходна постапка при Одделението за организиран криминал и корупција при Кривичниот суд на предлог на Обвинителството за организиран криминал и корупција во врска со истрагата за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште и на неплаќачите со години не им ги раскинувале договорите, со што се наталожил долг од над 1,4 милиони евра на штета на Буџетот.

– Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра), информираа од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска на седница ќе расправа за барањето за одредување притвор на пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски поднесено од Кривичниот суд.

Според член 53 од собранискиот Деловник, претседателот на Собранието барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.

Поранешните први луѓе на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Димовски, Цветков и Спасеновски, како и поранешниот министер Кристијан Делев, кои се од редовите на Социјалистичката партија, се осомничени дека го оштетиле буџетот во периодот од 2006 до 2016 година

ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ вчера најостро го осудија упад во домот на нивниот колега Љупчо Димовски и побараа власта да престане со политичкиот прогон и да се откаже од намерата за одземање на имунитетот на Димовски.