Дваесет и шест години македонски парламентаризам


Собранието денеска одбележува 26 години од конституирањето на првиот парламентарен состав. Без исклучок, првиот состав се оценува дека покажал неверојатна зрелост, чувство за државност, волја и издржливост за Македонија да стане независна и самостојна држава. Но исто така покажал голем степен на демократија. Од 1994 година наваму се бележи постојан пад на демократизацијата на плуралната демократија, сосема спротивно од она што се очекуваше.

Како дел од најзначајните настани се бележат насилните инциденти во Собранието од 24 декември 2012 и 27 април 2017 година, бојкоти на опозицијата, недостаток на политички дијалог, различни толкувања на основните акти како Деловникот за работа на Собранието и Законот за Собрание, работа во постојан дослух со Владата и во последниот мандат на работ на кворумот, недостаток на вработени, постојани обвинувања за големи патни трошоци…

Мора да се спомене дека пратениците од минатата година имаат подобри услови за работа по повеќегодишната реконструкција и доградба на објектот на Парламентот. Секој од нив има своја канцеларија, а, меѓу другото, Парламентот има и повеќе сали за седници на собраниските тела, па дури и сала за вежбање.

– Ние долго не сме во состојба да создадеме функционален, демократски Парламент, со владејачко парламентарно мнозинство и опозиција и кои се во состојба заедно да ја водат државата иако имаат крупни политички разлики меѓу себе. Ние некако можевме тоа да го направиме во првиот мандат, тука помагаше и првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров со своето искуство, а имав и јас доста искуство, вели за МИА Стојан Андов, прв претседател на Собранието во независна Македонија.

Од вториот мандат кога во Парламентот немаше опозиција, посочува Андов, се покажа дека ние сме создале една сосема друга концепција од она што Европа ја проектира.

– Веќе беа донесени т.н. Копенхашки критериуми каде демократијата, демократскиот процес е јасно дефиниран дека негова основа е парламентаризмот, рече Андов. Во тој состав, додава, воопшто не е водено сметка за парламентарната демократија, која подразбира одвоена извршната од законодавната власт, а од двете власти е одвоена судската власт…

– Тоа беше една од клучните причини што во 1997 година нас не не внесоа во Агендата 2000, инаку ние ги имавме сите други услови веќе обезбедено. Меѓутоа, не може да се зборува дека тие услови што сме ги обезбедиле имаат некоја трајна и здрава основа бидејќи парламентаризмот е сепак основен и од тогаш досега ние имаме темелни разлики во Парламентот, неспособност по клучните прашања да обезбедиме еден вид консензус, не сме го развиле заедничкото чувство за потребата од нашата држава и како да ја градиме, смета Андов.

Според него, тоа доцнење од 1997 година наваму си го носиме како товар и уште не сме успеале да се покажеме како функционална демократија која би ни отворила врати во Европа, бидејќи е слична на нив.

– Таа наша определба за НАТО и ЕУ е длабоко врежана во свеста и желбата на граѓаните, а политичарите досега не биле во состојба да ја артикулираат како смислена државна доктрина и концепција да може да се остварат тие желби на граѓаните, истакнува првиот претседател на Парламентот.

Неговата порака е опозицијата итно да се врати во Парламентот и да се обезбеди консензус за прашањата од државен интерес.

– Мојата порака е итно да влезат во Собранието сите пратеници од опозицијата и да може Парламентот да функционира. Таму каде што не се согласуваат за стапките на данок, образование или што било ќе има расправи и разлики, ама по клучните интереси и цели треба да се обезбеди консензус. Тоа е основна работа.

Исмет Рамадани, беше пратеник во македонското Собрание 16 години, вклучувајќи го и првиот парламентарен состав, застапувајќи ја Партијата за демократски просперитет.

– Ако правиме споредба 90-тите години и после 2001, односно 2002 година, во 90-тите години имаше прав парламентаризам, спротивставени ставови, можеби имаше и остри дискусии и во тоа што значи ставови, меѓутоа начинот како настапуваа пратениците беше прифатлив. Се внимаваше на лични навреди многу, се внимаваше во тоа што значи создавање на тензична политичка состојба во Република Македонија, истакнува Рамадани.

Како пример посочи на Декларацијата за рамноправен статус на Албанците во РМ што во Собранието ја поднела ПДП, која не била прифатена, но, вели тој, ние продолживме со дијалогот и не сакавме да дојде до евентуален конфликт и внимававме затоа што војната можеше лесно да се пренесе од останатите делови на Југославија во Македонија.

Се потсетува дека во Собранието имале редовни координации и оти секогаш за одредени многу битни прашања за државата, како евроинтеграциите, пратеничките групи се договарале.

– Последните години парламентарците премногу се послушни и се претворија во машинерија за гласање, се изгуби креативноста и иновативноста на парламентарците, се помалку имаше предлози за закони од пратеници. Во однос на дебатата, таа е повеќе лична отколку со аргументирани ставови со факти. Малку се внимава за општиот интерес на државата, премногу се настапува теснопартиски. Парламентот не успеа да го диктира темпото кон тоа што треба да прави Владата и другите институции во државата и затоа кога се изгуби оваа контрола дојдовме до ситуација кога во скоро сите институции интензивно се инкорпорираше партиското влијание и на крајот од меѓународниот фактор ние ја добивме таа карактеристика заробена држава, смета Рамадани.

Парламентот, потенцира тој, има голема вина што дозволи да нема контрола над извршната власт и институциите, посочувајќи на пример на тоа што се случи со УБК и со прислушувањето, иако Парламентот имаше постојана комисија за контрола на УБК. Негов впечаток е дека владејачкото мнозинство и опозицијата не се почитуваат меѓусебно и оти затоа се случи 24 декември, кога од собраниската сала беа исфрлени пратениците од опозицијата. Насилниот инцидент од 27 април 2017, вели дека е кулминација на таа неколегијалност и непочитување на Собранието.

– Од мојата кариера и како пратеник и како политичар 27 април беше најлошиот ден за демократијата во РМ. Прво, затоа што се случи во домот на демократијата, односно во претставничкиот дом, второ, можеше да дојде до жртви што потоа можеше да ескалира до меѓуетничка и граѓанска војна. Трето, МВР не беше на ниво на задачата, посочува Рамадани во разговор за МИА.

И тој смета дека сега опозицијата треба да се врати во Парламентот.

– Влегуваме во еден период каде што перцепцијата за РМ се менува од надвор и за среќа таа е многу позитивна, вели Рамадани посочувајќи дека меѓународната заедница ќе и помогне на Македонија за влез во НАТО и ЕУ. Сега треба да бидеме свесни и да го искористиме тоа максимално и, власта и опозицијата, затоа што влегуваме во период кога се менува дефиницијата за патриотизам. Во таа дефиниција на патриотизам влегува и дел од патриотското чувство да бидеме членка на НАТО и на ЕУ. Сега ако политичарите вистински, искрено ја сакаат државата и сите други чинители нема поголем патриотизам од тоа да создаваме услови и да ја искористиме шансата и да добиеме покана за членство во НАТО и за претпристапните преговори со ЕУ. Ќе се создаде чувство на безбедност кај граѓаните во РМ и дека перспективата се враќа во државата, особено кај младите, а со тоа и пораката дека може да се живее подоборо во оваа наша Македонија наша, вели Рамадани.

Потенцира дека опозицијата треба да биде конструктивна и дел од оваа перспектива на Македонија, а власта да биде внимателна кон опозицијата и да има подадена рака за дијалог и да се постигне консензус.

Новинарката Мира Костиќ од Македонското радио, долгогодишен собраниски известувач, вели дека во македонскиот Парламент има ретроградност на демократските процеси.

– Ако воспоставивме некакви демократски правила во 1991 до 1994, тие правила и принципи наместо да се развиваат почнаа да одат во една надолна линија и да бележиме ретроградност во тој поглед. Исклучивоста го зазема местото на плурализмот и демократизацијата на флексибилноста на подготвеноста да ги прифатиме или да ги ислушаме туѓите аргументи. Пратениците ја изгубија способноста да се слушаат меѓу себе, ги слушаа само своите излагања наместо да го слушаат излагањето на својот политички опонент. Можеби сега некои работи ќе се сменат со оглед на декларираноста на нашите политички лидери да го воспостават политичкиот дијалог тој да биде суштински, а не само формален, потенцира Костиќ.

Нерасчистувањето на настаните од 24 декември 2012 година, според неа, придонесе да дојде до насилството од 27 април 2017 година.

– Заташкувањето на она што се случи на 24 декември 2012 година, немањето судска разрешница, па ни политичка бидејќи се некако се заташка под притисок на меѓународните фактори, опозицијата се врати во Парламентот… Едноставно како да се премолче, како да се премина преку тоа што се случи. Нерасчистувањето на тој настан, формалното постигнување договор мораше да кулминира со едно друго насилие само се чекаше со што ќе биде, така што тоа се случи на 27 април беше очекувано, смета Костиќ.

Осврнувајќи се на работата на првиот собраниски состав, таа потенцира тој имал посебна мисија, идеја, елан, да ја спроведе идејата за независност во дело.

– Првиот собраниски состав мислам дека барем засега ниту се повтори, ниту може да се повтори како по начинот на кој работеа, така и по степенот на демократизација што го манифестираа пратениците во текот на своите дискусии, излагања, во аргументите да се убеди противникот дека неговите се издржани и поиздржани од другиот. Првиот собраниски состав покажа неверојатна зрелост, чувство за државност и волја и издржливост тоа да се претвори во дело, вели Костиќ.

На изборите во 1994 година, според Костиќ, се случи демократска хаварија со тоа што ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија не учествуваа на вториот круг од изборите и составот на Парламентот од 1994 до 1998 година беше демократски десеткуван, немаше политички плурализам, бидејќи немаше опозиција или немавме опозиција каква што требаше да има Парламентот иако имаше одредени пратеници, кои беа независни.

Отсуството на опозицијата го урниса демократскиот капацитет на Парламентот, тоа беше Парламент на едногласие, едноумие и доведе до тоа да се воспостави пракса дека без секого се може што подоцна се потврди и во еден друг состав од 2014 до 2016 кога СДСМ беше надвор од Парламентот, а коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ работеше без присуство на опозицијата, со неколку пратеници од редовите на СДСМ кои решија да се прогласат за независни и да го глумат опозиција, рече Костиќ.

Не очекува истото да му се случи и на сегашниот парламентарен состав бидејќи според неа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, по изборот на новиот лидер Христијан Мицковски, би требало да се вратат во Парламентот.

– Очекувам опозицијата да се врати, бидејќи и таа има одговорност за иднината на државата, како и за сето она што го направи или не го направи во изминатите 11 години власт. Од друга страна мнозинството, токму поради тоа што е „тенко“ ќе мора да покаже поголема флексибилност за ставоите на опозицијата, ако сака да постигне консензус и да ги спроведе зацртаните проекти. Имањето над 50-60 пратенички мандати, на досегашните состави им овозможуваше доза на сигурност и лагодност, но беше погубно за демократските процеси и дијалогот, кој едната страна вообичаено го водеше од позиција на посилниот, потенцира Костиќ.

Конститутивната седница на првиот македонски плурален Парламент се одржа на 8 јануари 1991 година. Првото Собрание ја постави правната основа на самостојна Македонија, го распиша референдумот за независност, го усвои Уставот, химната, знамето и ги избра првиот претседател на државата Киро Глигоров и првата Влада предводена од Никола Кљусев. За негов претседател беше избран Стојан Андов.

На изборите што се одржаа во ноември 1990 година мандати во новото повеќепартиско Собрание освоија девет партии и тројца независни пратеници. ВМРО-ДПМНЕ освои 38 мандати, СКМ-ПДП – 31, Партијата за демократски просепритет – 17, Сојузот на реформски сили 18, Социјалистичката партија на Македонија четири, Странката на Југословените два и по еден мандат Народната демократска партија и Партијата за целосна еманципација на Ромите.

Со седницата, која започна во 10 часот, претседаваше најстариот пратеник Никола Стојановски, претставник на СКМ-ПДП од Титов Велес.

На дневен ред беа Предлог на привремен деловник на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, извештај на Верификационата комисија и верификација на мандатите на пратениците, избор на претседател и членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, избор на претседател на Собранието и негови потпретседатели.

Поголема дебата на првата седница предвизвика предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се испее македонската химна. По подолга дискусија, сепак, пратениците изгласаа да бидат изведени химните и на Македонија и на Југославија, по верификација на мандатите на народните избраници.

Дебата предизвика и дилемата кој да биде испратен на тогаш претстојниот собир за, како што го нарекувале некои пратеници, распадот на Југославија во Белград.

Прв акт што го донесе Собранието на Република Македонија веќе на 25 јануари 1991 година беше Декларацијата за сувереност. Основната цел беше разрешувањето на кризата во бивша Југославија со цел таа да не ја зафати Македонија и да не ја воведе земјата во воените дејствија. Потоа се Парламентот работел на донесување устав и да се донесат сите документи со кои државата ќе стане независна. Беше распишан референдум, а Уставот беше донесен. Во првиот мандат што траеше три години и 10 месеци фактички се извршени сите цели кои Собранието ги определи за себе.

Елизабета Велјановска Најдеска