Даштевски сведочеше во судот во Солун, одлуката се очекува попладнево


Поранешниот претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, Александар Даштевски, како експерт на предлог на адвокатите на Горан Грујевски и Никола Бошковски, денеска беше сослушан како сведок во Судот во Солун. Во текот на денов се очекува Судот да ја донесе првостепената одлука по барањето на македонските власти за нивна екстрадиција, потврди за МИА адвокатот на обвинетите, Петар Василев.

– Денеска продолжи со сослушувањето на сведоци. Беше сослушан Даштевски, кој од страна на Судот беше прашуван за правните аспекти на постапката во смисла на меѓународните конвенции и конвенциите за човекови права. Тоа ќе биде и последен сведок во постапката, по што се очекува во текот на денешниот ден од страна на Судот да биде донесена првостепена одлука, вели Василев.

Од одлуката, како што рече, ќе зависи ќе биде поднесена жалба.

Одлуката според грчките закони се објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.

– Ние очекуваме судот да го одбие барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошковски, рече Василев.

Минатото рочиште беше прекинато поради истекот на временскиот период предвиден за рочиштето.

За екстрадиции во Грција, одлучува совет, најчесто во тричлен состав, двајца судии и еден обвинител, на јавно рочиште, освен ако не биде доставено специјално барање, сослушувањето да се одржи зад затворени врати. Токму таков беше случајот со поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање. Едниот од адвокатите на минатото рочиште побара судењето да биде затворено за јавноста, поради заштита на лицата за кои се бара екстрадиција.

Адвокатот Костас Хаѕијоану ова барање го поткрепил со тврдењето дека Грујевски и Бошковски во Македонија се изложени на ризик од закани и прогон.

Откако на 29 ноември беше одложено првото рочиште за екстрадицијата, по испратеното барање и документацијата од македонска страна, на 13 декември во улога на прв сведок, советот на судии го сослуша исказот на адвокатот на обвинетите, Петар Василев.

Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром. Судењето по три одложувања ќе се одржи на 17 мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември.

Грујевски и Бошковски во меѓувреме остануваат во притвор во близина на Солун.

Грујевски и Бошковски, кои се обвинети од СЈО за предметот „Тврдина и Таргет“, беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври годинава, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.