Данев од Шутка: Судиите да ги ослободат нашите браќа и сестри што се на другата страна од оградата


ВМРО-ДПМНЕ и денеска протестираше поради приведувањето за насилствата во Собранието на 27 април.

Правда и човечност, побара Драган Данев во обраќањето пред  истражниот затвор во Шуто Оризари.

– За седум дена нашите судии пак ќе одлучуваат за правдата, односно за слободата на нашите браќа и сестри кои сега се на другата страна од оваа ограда. Јас ги замолувам, од моето лично име и од името на сите нас, на сите чесни и искрени граѓани, да судат човечно, да одлучуваат по правда, а не по политички инструирани одлуки донесени некаде надвор од судовите – рече Данев.

Според него, правдата е спора, но секогаш доаѓа. – Веруваме во судството кое сигурно има, имало и ќе има луѓе кои судат по словото на правото и по шест дена ќе донесе правилна одлука – изјави Данев.

ВМРО-ДПМНЕ денеска блокираше и четири крстосници во Скопје, а за утре најави протест во 18 часот пред Министерството за правда.