Дали државата ќе го заузди Мерко?


Истрагата за продажбата на дрога во затворот во Струга сè уште нема разрешница. Од Министерството за внатрешни работи официјално не потврдуваат дека против директорот на струшкиот затвор Арменд Шаќири воопшто се води истрага. Последниот одговор за ова е дека истрагата е во тек и по нејзиното завршување јавноста ќе биде информирана.

Откако беше обелоденето дека затвореници од отворениот затвор во Струга продавале дрога, наместо да бидат во затвор, по неколку дена беше објавено дека Владата го разрешила директорот на негово барање. Шаќири во изјава за „Независен весник“ потврдува дека сега тој е именуван за директор на јавното претпријатие за паркови и зеленило „Еко Струга“.

Според Шаќири, одлуката за формирање на новото претпријатие е веќе изгласана на Советот на Општина Струга, а тој е именуван за директор. Советниците кои ги контактиравме, пак, велат дека немаат никаква врска со именувањето на директорот на претпријатието, туку за тоа е надлежен градоначалникот Рамиз Мерко. Мерко цела седмица не одговара на телефонски повици и не дава изјави за медиумите.

Според неофицијални информации, Шаќири поднел оставка од функцијата уште пред полициската акција. Од Владата официјално соопштуваат дека директорот на струшкиот затвор Арменд Шаќири минатата недела е разрешен од функцијата на негово барање.

Поранешниот градоначалник на Струга и лидер на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој ја водеше Општината до 2016 година, не сакаше да зборува многу за состојбите во Струга. Категорично вели дека ваков кадар не бил именуван во негово време и потврдува дека Шаќири е близок човек на Рамиз Мерко. „За тоа прашајте го премиерот Зоран Заев, тој го објавуваше Мерко во ‘бомбите’, после му даде поддршка“, вели Села.

Акцијата на полицијата во која беа уапсени дилери на дрога, на кои според информации што ги објавија медиумите им помагал полициски инспектор и директорот на затворот, беше последниот показател за криминалот во Струга.

Сега институциите треба да ја покажат решителноста во борбата со криминалот и да ги заштитат правата и интересите на граѓаните, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Тој не зборува конкретно за случајот во Струга бидејќи инволвираноста на Шаќири во продажбата на дрога на затвореници уште не е докажана.

„Истражните и правосудните органи треба да си ја вршат својата работа и каде што има криминогени елементи треба да реагираат. Нам, граѓаните, нè штитат државните институции, а не политичките партии, тие се групи на интереси. Тие дури и да инсистираат на некој кадар, ако тој кадар има криминогено однесување, институциите треба да го запрат и да не го дозволат, затоа што пред граѓаните одговорност имаат институциите, а не политичките партии“, вели Муслиу.

Од СВР-Охрид велат дека постојано преземаат соодветни мерки и активности за одржување на стабилна и поволна безбедносна состојба во Струга и на останатите населени места на подрачјето. Полицијата уверува дека безбедносната состојба во Струга и околината е стабилна.

Самоволието на Марко, пак, беше демонстрирано и кога државниот просветен инспекторат утврди дека старо-новиот градоначалник нема валидна диплома и се сомневаат дека Меѓународниот универзитет во Струга работи како „пералница“ за дипломи, а голем дел од професорите немале нострифицирани дипломи.

Полицијата поднесе кривична пријава против претседателот на управниот одбор на универзитетот, Армен Кадриу, кој го спречил просветниот инспекторат да влезе во универзитетот, но универзитетот на Мерко уште функционира.

Струга подолго време е поврзана со криминал кој не се расветлува. Минатата година со еден куршум во чело беше убиен балканскиот бос на проституцијата Дилавер Бојку додека седеше пред ресторан на плажата во центарот на Струга. Сè уште не е утврдено кој го уби Бојку, иако во медиумите наголемо се пишуваше дека станува збор за крвна одмазда.

Според медиумите, концесиите на плажите биле причина за првичната пресметка на членови на семејството Бојку од струшкото село Велешта и семејството Истрефи од Долна Белица. Во престрелката загинал еден член од семејството Истрефи, а од другата страна на пресметката биле братот и синот на Бојку. Медиумите ја поврзуваа оваа пресметка со убиството на Лека, но засега нема потврда за овие наводи, а според другата верзија Лека го застрелал платен убиец.

Полицијата уште го нема расветлено ниту убиството на Уран Купа, личниот телохранител на Зијадин Села, кој првин беше киднапиран, а потоа најден мртов. Неговиот брат, пак, е уапсен за убиството на заменик-директорот на Управата за јавни приходи Аргетим Асани, кој со убиството наводно го одмаздил својот брат. Тој издржува затворска казна.

Фросина Факова – Серафиновиќ