Дали анонимниот ќе го засени незаменливиот?


Кога кон крајот на септември 2016 година на чело на ЕЛЕМ беше поставен професорот од Машинскиот факултет, Христијан Мицкоски, никој не можеше ниту да претпостави дека петнаесетина месеци подоцна ќе го наследи „незаменливиот“ Никола Груевски на челната позиција во ВМРО-ДПМНЕ. Анонимен за поголемиот дел од членството и неприфатлив за радикалниот дел, сталожениот и умерен доктор по технички науки ќе се соочи со извонредно тежок испит, веројатно потежок од сите досега што ги имал. Неговите блиски соработници велат дека станува збор за исклучително поткована личност, која набргу ќе ги потфати конците во политиката. Неговите противници, пак, се уверени дека ќе му биде марионета на Груевски, кому му е потребно влијание од сенка поради случаите на СЈО, дека е поставен заради добрите односи со бриселско-вашингтонската администрација и дека негова задача ќе биде само да го потпише документот со кој ќе се официјализира промена на уставното име на Македонија.

Откако ќе ја одработи задачата и ќе ја подели и уништи ВМРО-ДПМНЕ, ќе се тргне од позицијата, а потоа ќе дојдат вистинските вмровци, само што ќе биде доцна и за партијата и за Македонија“, обвинуваат тие.

Христијан Мицкоски е роден во 1977 година во Скопје. Оженет е, татко на две малолетни деца. Техничките науки му се фах: Се запишува на Машинскиот факултет во Скопје, дипломира во 2001 година и е прогласен за најдобар студент. Таму ги поминува и наредните 15 години од кариерата. Веднаш е назначен за главен и одговорен проектант на термотехнички инсталации, па станува помлад асистент, потоа асистент, доцент и вонреден професор. Покрај тоа, неговата академска надградба продолжува и на универзитети во Германија и во Италија, каде што магистрира и докторира. Автор е на преку 100 научни трудови, добитник е на меѓународни награди и признанија за иновации, учествувал во изработка на неколку меѓународни развојни проекти од областа на енергетиката и мехатрониката.

Стручноста не му ја оспоруваат ниту неговите најголеми противници во партијата, но затоа му префрлаат дека не е „стар вмровец“ и оти не знае што е да се биде искрен и чесен патриот. Член на партијата е повеќе од петнаесет години. За себе вели дека бил член на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид во 2003 година кога Никола Груевски беше избран за наследник на Љупчо Георгиевски. На парламентарните избори во 2008, 2014 и 2016 година е дел од републичкиот изборен штаб на партијата во четвртата изборна единица, каде што вообичаено се кандидираше Груевски. Во периодот од 2010 до 2012 година е претседател на комисијата за енергетика. На локалните избори годинава ја предводеше советничката листа за Град Скопје, која доживеа највисок пораз во своето постоење. Веднаш потоа даде оставка на советничкото место, за на крајот од јули да биде назначен за генерален секретар на партијата, кога почна да се шушка дека се подготвува да го наследи Груевски, кој притиснат од „бомбите“ и меѓународната заедница мораше да отстапи. Стана и советник за енергетика во Владата.

На терен се врши огромен притисок со уцени и закани до делегатите да гласаат за Мицкоски“, беа пораките што стигнаа од членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Набргу потоа сениорите во партијата побараа Груевски да престане да „навива“ за Мицкоски и конгресот во Валандово да се одложи. Бадијала, теренот веќе беше подготвен, Мицкоски ја имаше благонаклонетоста на Груевски и на Мијалков.

Свесен сум во каква атмосфера поминува овој конгрес, на моменти пренатрупан со шпекулации и наметнати нереални теми. Но тоа, за жал, е состојбата во која е политиката денес. Јас ќе се трудам политиката утре да биде поразлична. Свесен сум за сите очекувања од мене, свесен сум и за сите сомнежи во мене, кои сигурно се донекаде оправдани, особено поради фактот што сум немал досега можност да носам крупни одлуки, или да бидам тестиран подолг период во однос на сѐ она што се наметнува како дилема во однос на мене овие денови, а веројатно ќе лебди и кусо во периодот понатаму. На несмасните брифирања од неименувани партиски извори дека ќе сум бил нечија марионета ќе одговорам само дека со мојата работа ќе го докажам спротивното. И нема да се оптоварувам со овој вештачки и намерно измислен императив со цел да се занимаваме како партија сами со себе, без разлика што можеби тоа го брифираат и некои реални луѓе со разни иницијативи. Јас немам намера да штитам непринципиелни работи и нешто во што не верувам и што е спротивно на нашите вредности. Мојот политички противник е СДСМ, а не поединци и помали групи во ВМРО-ДПМНЕ“, нагласи Мицкоски.

Неговиот прв противник нема да биде власта, туку внатрепартиските колеги, кои отворено најавуваат дека нема да соработуваат со нелегално избран лидер.

И Груевски во 2003 година дојде, наводно, да му го чува грбот на Георгиевски, па знаеме што се случи. Дајте му шанса на човекот“, апелираат неговите соработници.

Горан Адамовски