Грција во понеделник ќе ги достави писмата до ЕУ и НАТО дека нема да се противи за интеграција на Македонија


Во недела ќе бидат потпишани од шефот на грчката дипломатија, а во понеделник наутро ќе бидат испратени писмата до ЕУ и НАТО, дека Грција нема да се противи за европска и евро-атлантска  интеграција на Македонија. Ова го откри самиот Никос Коѕијас, говорејќи пред новинарите на крајот од Конференцијата за стабилност и безбедност на грчкиот остров Родос.

Како што јави МИА од Атина министерот за надворешни работи на Грција, рече дека минатиот петок, пред потпишувањето на договорот, без да биде обврзан, испратил писмо до генералниот секретар на НАТО, во кое го известува и ги поставува предусловите со кои треба да биде поврзана поканата за членство, односно оние услови што ги предвидува самиот договор.

Во однос на новите писма, Коѕијас потврди дека ја добил нотата од македонското МНР дека договорот беше ратификуван, а во понеделник Грција ќе го исполни нејзиниот дел од обврските.

– Во мојата дипломатска канцеларија ги имаме од завчера подготвени писмата. Одбрав да ги потпишам самиот во Брисел во недела за во понеделник наутро да се достават до Европската унија и НАТО. Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имам поставено, може да продолжат напред, рече Коѕијас и објасни дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постоја тешкотии“, бидејќи, како што рече, има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

– Нема да биде добро да се случи такво нешто, коментираше шефот на грчката дипломатија.

Никос Коѕијас ги спомена и земјите кои беа против интеграција на Македонија и Албанија во ЕУ, и рече дека „во меѓувреме, три од петте земји, односно Луксембург, Данска и Германија отстапија од оваа група, веќе немаат цврсти противења, но остануваат Холандија и Франција“.

На новинарско прашање за ставот на претседателот Ѓорге Иванов дека нема да го потпише договорот и дали тоа создава проблеми, Коѕијас одговара негативно и објаснува дека „ќе има второ гласање во Собранието на Северна Македонија“.

-Секако, врз основа на нивниот Устав, Иванов треба да го ратификува. Се сомневам дека можеби ќе ја следи истата пракса, како што направи со албанскиот јазик, кога ни вториот пат, не го ратификуваше законот, нелегално. Се сомневам дека можеби ја следи истата пракса, да не излезе од Северна Македонија, бидејќи штом излезе, негова замена е претседателот на Собранието и на тој начин може претседателот на Собранието да потпише. Претпоставувам дека целата оваа ситуација завршува со референдумот. Ако референдумот има, а ќе има позитивен резултат, тогаш Иванов ќе заврши со ова однесување, рече Коѕијас на прес-конференцијата на Родос.