Грците со жолти елеци против Преспанскиот договор


Грчкиот премиер Алексис Ципрас, на расправата вчера во грчкиот парламент, изјави дека поранешната југословенска Република Македонија мора како со уставните амандмани така и со изјавите на официјални лица да го почитува духот и словото на договорот од Преспа. Тој истакна дека ако тоа не се прави, нема да се придвижат ниту договорот ниту интеграцијата на Македонија во меѓународните организации.

„Ние чекаме со многу големо внимание да се заврши уставниот процес и да се следат јасните сигнали, а не да се води јавна дебата за импресионирање. Грчкиот премиер рече дека жали што, кога ќе го слушне лидерот на опозицијата Киријакос Мицотакис како зборува за договорот за Преспа, има впечаток дека ја слуша екстремната десница.

Лидерот на Нова демократија во дебатата во грчкиот парламент побара од премиерот да се каже нешто во врска со Заев и „македонскиот јазик што треба да се изучува во Грција“.

„Господинот Заев го доби тоа што не му беше дадено за 27 години од шест премиери на Грција – македонската националност и јазик. Тоа за што сите велеа не, Ципрас рече да. Ако утре Грција се најде во состојба да управува со проблемот на македонското малцинство, нема да бидеме виновни ние пратениците кои сме против договорот. Дури и Бугарија не се согласува со македонскиот јазик“, додаде Киријакос Мицотакис.

В петок грчкиот лидер Ципрас ќе зборува на митингот во Солун организиран за Преспанскиот договор, за да ги ублажи тамошните негативни реакции и да го поправи рејтингот на СИРИЗА во тој регион за изборите образложувајќи го директно на тие што се противат на неговото прифаќање. Неколку т.н. патриотски здруженија најавија протести за време на неговото обраќање и најавија дека ќе го дочекаат во жолти елеци.